Вера Вучкова

актерка

Во вистинската легенда за современиот македонски театар актерката Вера Вучкова (24 август 1925, Кнежа, Република Бугарија) влегува на самиот почеток. На сцената на Македонски народен театар (урнат по земјотресот на 26 јули 1963 година во Скопје) таа ја изговара првата реплика по подигањето на завесата во првата институционална претстава на македонски јазик, одиграна на 3 април 1945 година – Платон Кречет од украинскиот автор А. Корнејчук во режија на Димитар Ќостаров. Во таа претстава Вучкова го игра ликот на Валја со чија реплика Колку е блиску сонцето и започнува изведбата. А актерката влегува во легендата.

Актерската и животната патека на Вучкова почнува и продолжува и пред и после историскиот настан. Почетоците во театарската уметност и се во Битола, во Партизанската театарска група на АГИТПРОП (1944) во која само рецитирала. Потоа почнува нејзината работа во Македонскиот народен театар во кој е од 1945 до 1946 и во кој се враќа во 1964, за да остане до пензионирањето во 1982 година. Во меѓувреме, со Илија Милчин и Крум Стојанов, учествува во формирањето на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград, Пиринска Македонија (1947/48), работи во театрите во Бугарија: во Благоевград (1947-1959), во Димитровград (1959-1961) и во Бургас (1961-1964), а на Вишата школа за театарско искуство (ВИТЕЗ) во Софија дипломира актерство (1960).

Талентирана, секогаш тивка и толерантна кон сите во театарот, Вучкова главно игра помали ролји, но без кои во театарот не се може. Оценувана е како актерка која својата посветеност и знаење несебично го дели со другите. Во МНТ одиграла околу 40 такви ликови, меѓу кои, покрај Валја, се Спировица (Народен пратеник, 1945), Марија (Градскиот саат, 1966), Шанел (Стапица за осум бесмпомошни жени, 1966), Ана од Кливс (Хенри VIII и неговите пет жени, 1967), Сестрата за развеселување (Сенка, 1967), Рајна (Печалбари, 1969), Ана (Дабот и ангорските зајаци, 1969), Фроса (Парите се отепувачка, 1970), Мадам Вајнер (Зајдисонце 1971), Прасковја Илинична (Фома, 1972), Мајката на Хелдерлин (Хелдерлин, 1973), Берта (Хеда Габлер, 1976), Фјокла Ивановна (Женидба, 1979),Тетка Савка (Госпоѓа министерка, 1983), Цонка (Чорбаџи Теодос, 1987) …

Слични Објави