Благоја Ивчески
актер
Богата актерска биографија. Вистински вљубеник во театарската уметност и во широкиот спектар дејности поврзани со театарот.
Роден е 1938г. во с. Смолани – Прилепско. Во 1960 година станува член на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и во него го поминува сиот свој работен век, целосно посветен на позивот што го извел. Ентузијазмот, неисцрпната енергија и работната дисциплина, беа карактеристика на неговото работно поведение. Неуспесите ги доживува емотивно, а успесите ги манифестира скромно.
Она што е посебно карактеристично за актерското творештво на овој уметник е обемноста и разновидноста на улогите што ги толкувал. Беше носител на стожерни и насловни улоги, а има реализирано импозантен број улоги (над 130). Реализирал улоги од современата светска драматургија, од драмската класика, од домашната драма итн. Неговиот талент во првите години од кариерата дојдува до целосен израз пред се во дела од македонски драматичари. Го игра Младичот во Чашулевите „Црнила” Драшко во „Парадоксот на Диоген” од Т. Арсовски, Костадин во „Печалбари” од А. Панов, Илија во „Антица” од Ристо Крле, Бошко во „Бегалка” од В. Иљоски. Тоа се главно улогите на неговата младост. Потоа ги игра: Димитрија во „Диво месо” од Г. Стефаноски, Дрен во „Суд” од К. Чашуле, Трпе во „Глогов џбун” од Б. Димитров и др. Ивчески многупати има обичај да каже дека играњето во домашни драми му е посебно задоволство.
Театарската критика се произнесе во суперлативи и за низа негови остварувања во дела од форматот на „Малограѓани” (Нил) и „Децата на сонцето” (Чепурној) од М. Горки, „Антигона” (Тирезиј) од Софокле, „Цена” (Виктор Франц) од А. Милер, „Хамлет од Мрдуша” (Учителот) и „Вечера во погребалното претпријатие” (Микац) од И. Брешан „Нора” (Доктор Ранг) од Х. Ибзен, „Крвави свадби” (Младоженецот) од Ф. Г. Лорка и многу, многу други.
Мошне впечатливи се и креациите на Ивчески во комедиографскиот жанр, – Чедо во „Госпоѓа Министерка” од Б. Нушиќ, Барион во „Венчавката на Барион” и Понтањак во „Магаре” од Ж. Фејдо, во повеќе комедии од М. Попоски, Молиер, Држиќ и др.
Ивчески два пати е наградуван на театарските игри „ојдан Чернодрински” – 1968 година за улогата на Благо во „Балада за орканата” од В. Видически и во 1972 година за улогата на Виктор Франц во “Цена” од Артур Милер.
Повремено, Ивчески се занимава и со режија. Во Театарот има режирано 7 претстави, две целовечерни, а другите 5 за деца. Во Домот на културата има режирано 15 претстави со комбиниран актерски состав, професионални актери и младиници-аматери. Седум од овие претстави беа наменети за најмладите гледачи, тоа беа куклени претстави.
Би било неправда ако не се спомене перманентната грижа на Благоја Ивчески за јазикот, за македонскиот литературен јазик. Со своето темелно познавање на македонскиот литературен јазик секогаш беше готов да интервенира при евентуални грешки во претставите. За потребите на театарот има преведено над дваесет текстови од српски, бугарски и хрватски јазик.
Три години Благоја Ивчески беше секретар на Советот на Театарските игри, а од 1980 година до 1986 година беше директор на Народниот театар „Војдан Чернодрински” – Прилеп. Во 1997 година добитник е на Третоноемвриската награда што ја доделува Советот на Општина Прилеп.
Во 2002 година Благоја Ивчески заминува во пензија.