Кирил Андоновски
актер

Роден е во Пехчево, 1942 година.
Основно образование завршил во Пехчево, гимназија во Прилеп и Струмица. Академија за филм и театар и радио и телевизија во Белград во класата на Мата Милошевиќ. Во 1967 година се вработува во Куманово, а од 1969, до денот на заминување во пензија во 2007 година, е во Македонскиот Народен Театар. Кирил Андоновски играл во над 200 театарски претстави, гостувал на сцените во Струмица, Штип, Куманово во театарот за деца и млади – Скопје во Македонската опера и балет. Има играно во над триесет телевизиски драми и серии и во пет филма.
Еве, по повод една пригода, што вели за него македонскиот истакнат режисер Бранко Ставрев:
Кралот на епизодата
Дојде Кирил Андоновски кај мене и донесе едни списоци. На своерачниот компјутер беше пресметал колку премиери одиграл, колку претстави, со колку автори, режисери и колеги актери.
Ги разгледав внимателно и открив дека имал над сто премиери и дека преметнал преку глава над две илјади деветстотини триесет и седум претстави, десет помалку, дваесет повеќе.
Кирил Андоновски е најпедантниот и најревносниот пратеник во македонскиот театарски парламент.
Од над двеста одржани седници со гледачите не отсуствувал на ниту една.
Токму затоа е една од присутностите што ќе ги памети и овој театар и ова општество.
Како Исак Кејтен во „Ѕидот водата” беше брилијантен, успеа од дрво да направи мајка и ни вети дека еден ден, по неколку илјади векови, се ќе се дознае.
Како Жевакин во „Женидба” истиска сицилијанско сонце од Гогољевски лимон, збунет дека ова што му се случува само осумнаесет пати.
Како Грклан во „Коштана” извлече песна од виолина без жици, постојано расположен за своебразно пицикато.
Како Медведенко во „Галеб” најде учителска хармонија меѓу материјалните и духовните сили.
Како Хлестаков лебдеше над своето време како пердув, над воздух од аморал, над вода од разградба и над пекол од вредносен хаос, затоа Кирче кај Гогољ се чувствува како дома.
А кај Шекспир?
Е, овде веќе работите се „шутски“, мискиџиски (прашајте го лично за мискиџијата што соѕида чешма на патот кон Пехчево и кој Македонијава ја сврте за едно изгрејсонце и едно зајдисонце).
Како актер кој постојано слободата на играта ја остварува преку – ропството – на закономерноста, Кирил Андоновски трагичната и комичната маска ги зближи во бакнеж.
Кириландоновскиот хумор е испреплетен со универзалната болка.
Преку хуморот тој го допира фантастичното и непознатото и се труди да ги надшегува удрени до срце и така да ги залечи отворените рани на светот и човекот. Шутот на Кирил Андоновски дејствува како хор и со своето инсистирање на хумор само ни ја зголемува маката.
А пратеникот Протиќ?
Погледнете го и ќе видите дека не е место, но е време за книга, а не за пригоден говор кој е слаба форма за живот толку богат со содржина.
Книгата е напишана сценски, филмски, телевизиски, радиодрамски.
Може да носи наслов „кралот на епизодата“.