За Војдан Чернодрински
Биографија
Војдан ПОП ГЕОРГИЕВ – ЧЕРНОДРИНСКИ (15 јануари 1875, с.Селци, Дебарска Жупа, Република Северна Македонија – 8 јануари 1951, Софија, Република Бугарија) – драмски автор, актер, режисер, основоположник на македонскиот театар.
Во 1886 година со семејството пребегнува од родното село Селци во Охрид, а потоа во Солун (1889) и во Софија (1890). Во Софија станува член на театарската дружина „Солза и смеа“ и на „Македонската книжовна дружина“, организирана од македонската емиграција во Бугарија.
Се запишува во Првата софиска машка гимназија која ја посетува нередовно. Во 1894 година го создава кружокот „Македонски зговор“, со чии членови ги подготвува првите изведби на своите едночинки „Дрвари“ и „Во меаната“ (1895).
Во 1899 година заминува во Швајцарија на студии по правни науки, но студиите никогаш не ги завршува. Таму тој формира македонски студентски друштва и собира финансиска помош наменета за македонското ослободително движење. Се враќа во Софија (1900) и ја пишува и изведува својата најпозната драма, „Македонска крвава свадба“ (20 ноември 1900).
Во 1901 година формира сопствен патувачки театар, „Скрб и утеха“, реализирајќи повеќе турнеи низ Бугарија и Србија. Кусо време работи и како професионален актер во Народниот театар во Софија (1908). Како борец учествува во Првата балканска војна.
Претставник е на битовата македонска драматургија. Вистински театарски творец, брз, импулсивен, снаодлив и упорен. Иако самоук во областа на драматургијата, тој е свесен дека драмскиот текст е наменет за театарската сцена, и токму во таа техника ги пишува своите дела.
Драмски текстови: „Дрварите“ (1895); „Во меаната“ (1895); „Македонска емиграција“ (1897); „Македонска крвава свадба“ (1900); „Од глаата си патиме“ (1902); „Робот и агата“ (1902); „Зло за зло“ (1903); „Срешта“ (1903); „Мајстори“ (1903); „Духот на слободата“ (1909); „На реката“ (1921); „На Нова година“ (1921); „Цар Пир“ (1921); „Бурите крај Вардар“ (1925); „Цвета војвотката“ (1929) и „Слав Драгота“ (1930).