Мустафа Јашар
актер
Роден е во Скопје, 19 август 1946 година.
Препознатлив во својот актерски израз, моќен во театарската креативност, Мустафа Јашар е еден од добитниците на највисоката награда на нашиот Фестивал.
Неговата долгогодишна кариера брои стотина театарски ролји, филмски и телевизиски улоги што ќе останат меморирани во нашето колективно театарско паметење. Интелектуалниот потенцијал, моќта на говорот, како и доминантната актерска фигура, го прават еден од ретките актери на Турскиот театар што активно ја гради својата кариера, не само кај нас, туку и надвор од нашата земја. Во 1971 година се вработува во Турскиот театар при Театарот на народностите во Скопје. Своето образование го финишира со дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата по турски јазик и книжевност (2000). Снимил повеќе филмови и телевизиски проекти. Неговата актерска естетика ја дефинираат ликови со широк дијапазон, од оние на протагонистите, до оние епизодните со кои докажувал и докажува, дека театарот го создаваат сите негови креатори. Секоја од неговите ролји е показател за вонредна креативност. Во неговата актерска креативност се препознава рационалното формирање на ликот, промислената гестика и стилска фигуративност која е ретка во театарскиот свет. Неговите ликови се креирани внимателно и прецизно и со тоа и покажуваат на публиката како едноставно, а силно може да се портретира нечиј карактер од македонската и светската драматика.
Во оваа прилика би ги споменале улогите на Џими во претставата Вејка на ветрот од Коле Чашуле (1973), Караџа во Убавината чекори сама од Томе Арсовски (1975), Малик во Угурсуз од Неџат Ибришимовиќ (1979), Фра Петар во Проклета авлија од Иво Андриќ (1985), насловната ролја во Макбет од Шекспир (1988), Клаудиј во Хамлет од Шекспир (1995), Тезеј во Федра од Жан Расин (1997), Сулејман Величенствениот во Хурем Султана од Орхан Асена (2001), Гонзало во Бура од Шекспир (2004) и многу други. Иако доминантно е активен само на матичната сцена, одиграл претстави и на сцената на Албанскиот театар во Скопје и една претстава во Универзалната сала.
Неговата богата филмографија брои дваесет и пет филмски и телевизиски ролји. Играл во многу познати телевизиски проекти: Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Записик (1983), Комедијанти (1984), Белото Циганче (1984), На наш начин (1984), Климент Охридски (1986), Тврдокорни (1992) и многу други. Филмовите во кои играл се бројат како некои од најзначајните во домашната и странска продукција, како што се Време води (1980), Црвениот коњ (1983), Опасна трага (1984), Јазол (1985), Тетовирање (1992), Македонска сага (1993), па се до последниот Трето полувреме (2012).
На нашиот фестивал во 2005 година ја има добиено Наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата во претставата Азизнаме од Азис Несин (2005). Со добивањето на годинешната Награда за животно дело, фестивалов со право покажува дека знае да ја препознае и респектира актерската фигура на театарските уметници кои од малите, епизодни улоги знаат да направат ремек дела.