Лилјана Мазова

театарска критичарка и публицистка

Лилјана Мазова е една од ретките авторки во нашата земја која повеќе од четириесет години активно го следи театарот и пишува за него. Нејзината посветеност и професионалност е конзистентна во нејзината мисија – да биде постојан придружник на театарот и во истиот да верува, да го бодри и да навива за него.

Театарот е уметност која постои само во мигот додека претставата се игра на сцената. За да може да се сведочи/меморира му се потребни луѓето како Лилјана Мазова, кои постојано се од другата страна, како посветени, редовни и едуцирани гледачи. Не сакајќи од театарот да остане само миг, таа пишува постојано за него и постојано активно ги води своите записи и сведоштва, за да може македонскиот театар и македонската култура, воопшто, да имаат сопствена меморија. Таа е најупорниот и најревносниот проследувач, критичар, коментатор на македонската театарска уметност, со мошне широко значење и надвор од границите на нашата земја. Од 1971 до 2004 година работи во дневниот весник „Нова Македонија“, како новинар, театарски критичар, колумнист, коментатор, уредник. Перманентно објавува театарски критики и текстови од областа на театарот во повеќето наши весници и списанија, како и во голем број од списанијата за театар и култура низ сите држави на Балканот и пошироко. Нејзините критики, осврти и рецензии се објавени (меѓу другите) и во етаблираните списанија и весници: „Вјесник“, „Дело“, „Ослобоѓење“, „Одјек“, „Око“, Наши дани“, „Сцена“, „Театарски гласник“, „Гест“, Teatar.hr, The world theatre…, во „Блесок“, „Дневник“, „Форум“ и сега на „Глобус“. Нејзината ревносна посветеност кон театарот ја препознаваат и надвор од границите на нашата земја, за што сведочат големиот број на учества на меѓународни театарски фестивали, како дел од оценувачката комисија или од организаторската практика.

Освен респектабилниот број на над 10000 објавени библиографски единици, таа е автор на голем број авторски книги или е дел од тимот на повеќе значајни монографии, на кои се јавува како приредувач и уредник. Тука би ги споменале монографиите за истакнатите актери и театарски уметници: Петре Прличко, Тодорче Николовски, Илија Милчин, Ристо Шишков, Милица Стојанова, Кирил Ристески, Коле Чашуле, Бранко Ѓорчев, Бранко Гапо и уште многу други. Дел е од тимот кој го подготви капиталното електронско издание – ЦД ромот Театарот на македонска почва за која тимот ја доби наградата „Гоце Делчев“ за научно-истражувачка работа (2002 година), што е реализиран во Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности – Скопје. Активно партиципирала во повеќе научно-истражувачки проекти од областа на театарот.  Како уредник и приредувач ги подготвила: Одбраните дела на Иван Мазов –Климе (6 книги, 1982); ги уредила и делумно ги превела книгите со драми на Душан Јовановиќ – Ослободувањето на Скопје (2007),  на Иван Цанкар – Драми (2008), на Драго Јанчар – Тивко се ниша часовникот (2009) – автори од Словенија при што е автор и на текстовите за нив, ги превела (од бугарски јазик) и објавила драмите на Христо Бојчев – Оркестар Титаник (2012), превела и направила избор од современата босанско-херцеговска драматургија 7 драми од БиХ (2013). Ја превела и книгата Светата крв, светиот грал (2004).  Авторка е на повеќе автентични изданија од областа на театарската критика, естетика и проблематика: Ковчег со време (2001), ТОЈ И ТИЕ – Театарски сложувалки (2003), Под разно– театар од А до Ш (2008), Посветеност, Процеси, Персони (2008), Театар без остатоци (2010), Отворен круг (2014), Со сигурни чекори до целта, 65 години НУ Турски театар – Скопје, монографија (2015), Комедии, Венко Андоновски (2016), Маруша (2016). Дел од овие книги се објавени и во електронски изданија.

Во својата долгогодишна дејност е наградена со голем број на државни награди.
„Крсте Мисирков“ за едногодишно остварување (1980),„Мито  Хаџивасилев – Јасмин“ (1981), Годишна награда на „Нова Македонија“ (1988), Награда за долгогодишна работа на „Нова Македонија“ (1998), Награда „Гоце Делчев“ за наука (2002), Награда „13 Ноември“ за долгогодишен придонес за културата на Град Скопје (2007),Златен венец – „Марко Ковачевиќ“ за театрологија (МЕСС – Сараево, 2007), Признание Зограф на културата на Република Македонија (Министерство за култура на РМ, 2011) и др. Македонскиот театар и култура се исклучително горди што имаат ваков сведок на театарската уметност.

Слични Објави