ЗА ФЕСТИВАЛОТ
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е конституиран 1965 година на иницијатива на Здружението на драмските уметници од Република Македонија. Фестивалот го носи името на основоположникот на македонската драма – Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер. Традиционално секоја година се одржува во градот Прилеп во почетокот на месец јуни.
Првата претстава на овој реномиран фестивал се одржала на 4 јуни 1965 година.
На Фестивалот континуирано се презентираат најдобрите театарски / драмски остварувања од целокупната македонска театарска продукција работени според дела од светската драматургија а особено се афирмира македонското драмско творештво.
Фестивалот е од посебен државен интерес и единствен од ваков вид финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Локалната самоуправа на Прилеп и од донации и спонзорства.
Фестивалот е организиран на следниот начин: Собрание на фестивалот со Надзорен одбор и Уметнички директор и Претседател на Собранието на фестивалот. Собранието на фестивалот го сочинуваат претставници од театарските институции во Македонија и Факултетот за драмски уметности – Скопје. Собранието на фестивалот избира Уметнички директор кој ја следи целокупната театарска продукција и предлага концепт за официјалната и придружната програма како и останатите содржини на фестивалот во тековната година.
Фестивалот има натпреварувачки карактер во официјалната програма.