Бранко Ставрев

режисер

Режисер со исклучително луцидна мисла и сценски коментар во однос на авторот кој го толкува. Секогаш со моќ да ги контекстуализира и коментира и најдалечните, оние навидум невидливи асоцијации и значења. Неговото творештво како како водечка определба ја забележува целта преку театарот да ги менува, не само театарските струења туку и општествените. Смело влегува во костец со најголемите прозни и драмски авторитети, непалшејќи се од ризиците што ваквите интервенции ги носат со себе. Секогаш оди чекор потаму во читањето, сценското компонирање на текстот.

Ставрев неуморно води битка со театарските шаблон и догма, поместувајќи го хоризонтот на очекување кај публиката.

За свое творечко кредо, како што самиот вели во еден запис, го избира ставот кој упатува на тоа дека „режисерот мора да го избере толкувањето што неговото време го интересира“. Неговите претстави нудат едновремено поетски сценски кодови, но и остри и моќни судири и расправи со вистинскиот живот.

Дипломира југословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје (1963). Автор е на повеќе успешни драматизации на поетски и прозни текстови од македонското фолклорно наследство, од светската класика и од прозата на Живко Чинго. Работи како режисер во Македонски народен театар (1965). Од 1979 до 1983 година е директор на Драмата при МНТ.

Од позначајните режисерски проекти ги одвојуваме: Обиди се во надеж (1961); Матуранти (1964); Вител (1968); Бања (1968); Трамвајот наречен желба (1969); Парите се отепувачка (1970); Животот на Галилеј (1972); Смртта на Тарлекин (1973); Векутума века или житие Адамово (1974); Студенти (1977); Женидба (1978); Кенгурски скок (1979); Злосторство и казна (1980); Молскавици (1981); Дамоклов меч (1983); Кршалнига (1983); Макавејските празници (1983); Иванов (1984); Ревизор (1985); Големиот брилјантен валцер (1986); Големиот смок (1986); Мајсторот (1986); Сурати (1987); Ревизор (1987); Антица (1988); Сенката (1988); Пуста земја (1989); Самоубиец (1990); Галеб (1990); Жорж Данден (1992); Бунт во домот за старци (1994); Пат за Лихнидос (1994); Печалбари (1996); Отепувачка (1997); Пиликатник (1997); Идиот (1998).

Добитник е на наградата за најдобра режија на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за претставата Смеа низ сокаците (Прилеп, 1969); Награда за најдобра режија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Трамвај наречен желба (Прилеп, 1970); Награда на град Скопје 13 Ноември за претставата Зајдисонце (1971); Награда за најдобра режија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Тутунски пат (Прилеп, 1972); Награда на Фестивалот Стеријино позорје за драматизација на романот Ѕидот, водата (Нови Сад, 1974); Награда на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за претставата Злосторство и казна (Сараево, 1973); Награда за најдобра режија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Злосторство и казна (Прилеп, 1981); Награда 11 Октомври за претставата Големиот брилијантен валцер (1986); Награда за најдобра режија на МТФ Војдан Чернодрински за претставата Сенката (Прилеп, 1988).

Слични Објави