|

Едукативни работилници

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во соработка со „Театар за сите“ оваа година отпочна Едукативна програма во рамките на Фестивалот. Програмата трае осум месеци и е наменета за наставници и ученици од прилепските училишта што водат драмски секции и/или предаваат Драмска уметност.

Целта на оваа Едукативна програма е да даде поддршка, насоки и вештини на наставниците и учениците од училиштата во Прилеп во сферата на театарското образование; да креира драмски јадра кои ќе можат самостојно да дејствуваат и да создаваат театарска уметност, како и да генерира нов бран на идни театарски уметници и публики.

Тековната група што ја следи едукативната програма брои 20 учесници: двајца наставници и осум ученици од две основни училишта од Прилеп (ООУ „Климент Охридски“ и ООУ „Кочо Рацин“), како и двајца наставници и осум ученици од две средни училишта од Прилеп (СОУ „Ѓорче Петров“ и СОУ „Мирче Ацев“). Следната година, новите училишта што ќе пројават интерес ќе ја следат Едукативната програма. Идејата е да се покријат сите локални училишта од Прилеп, а потоа Програмата да се работи и надвор од градот. Повеќе информации за заинтересираните училишта ќе има за време на самиот фестивал, а формуларот за пријавување е достапен овде.

Учесниците се среќаваат три пати месечно, на една главна работилница со времетраење од три часа и две придружни работилници со времетраење од еден и пол час. Главните работилници ги води Милош Б. Андоновски, режисер, професор и основач на „Театар за сите“, а споредните работилници ги водат актери од прилепскиот театарски ансамбл.

На почетокот од Програмата, во ноември, учесниците се запознаа со основите на актерската игра; во декември се запознаа со основите на драмското пишување и драматургијата; јануари беше месец посветен на театарската режија; во февруари – сценографија, со Мартин Манев, сценограф како гостин предавач; во март – костимографија со Ирина Тошева, костимографка и модна дизајнерка како гостинка предавачка; април беше посветен на театарската критика и заткулисните професии. Ни беше чест што на оваа работилница гости предавачи ни беа Ана Стојаноска, професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје и уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, како и Стојан Дамчески, долгогодишен директор на прилепскиот театар. Последната, мајска работилница ќе биде посветена на подготовка на завршните презентации. На наставниците и учениците, Фестивалот им отстапува простор и им нуди можност во рамки на фестивалската зона „Чернодрински за деца“ да покажат што научиле за време на осумте месеци. Распоредот на годинешните изведби можете да го видите овде.

Особено ни е драго што оваа програма е одобрена од Министерството за образование и наука на РСМ со стручно мислење бр. 408/3, издадено од Бирото за развој на образованието. Времето што наставниците го поминуваат на овие работилници ќе им биде вреднувано како време посветено на професионален развој, а секако, сертификати ќе бидат доделени и на учениците.

Слични Објави