Салаетин Билал

актер

Роден е во Скопје, 19 март 1942 година.

Актерот Салаетин Билал, долгогодишниот познаник на македонската и светската публика, препознатлив по својот посебен сензибилитет и актерска креативност, оваа година е еден од добитниците на највисоката награда на нашиот Фестивал.

Тој е еден од најактивните актери кај нас, адекватно застапен на повеќе јазични говорни подрачја и во сите аудиовизуелни медиуми. Ретка актерска фигура која освојува со својот однос кон сцената и пред камера, кој знае да создаде интересни ликови, привлечни за гледање за секоја публика. Доуниверзитетското образование го завршува во Скопје. Во 1964 година се вработува во Турската драма при Театарот на народностите. Игра и во претставите на Албанската драма при истиот театар. Пишувајќи за неговата ревносна театарска активност, треба да се наведат и улогите во претставите од Театарот на Ромите „Пралипе“ и во други независни проекти. Истражувајќи го театарот како личен предизвик или провокација, тој се обидува и како режисер и потпишува режии на четири претстави. Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја прикажуваат неговата долга кариера како активна и респектабилна. Љубовта кон театарот може да се препознае и во повеќето негови обиди за доближување на некои од драмите на пошироката публика, со неговите преводи и активната помош што ја дава на помладите колеги. Исклучителната театрографија на Салаетин Билал, брои улоги во претставите на повеќето значајни театарски и филмски режисери кај нас и во странство. Играл во претстави на редица најзначајни драмски автори. Тука треба да се споменат улогата на Себастијан од Дванаесеттата ноќ на Шекспир (1966), Јасон во Медеја од Еврипид (1971), Слугата во Слуга на двајца господари од Карло Голдони (1974), Ахмед Нурудин во Дервишот и смртта од Меша Селимовиќ (1976), Хасан ага во Хасанагиница од Љубомир Симовиќ (1979), Омер во Омер и Мерима од Стефан Пешиќ и Мирослав Беловиќ (1979), Хлестаков во Ревизор од Николај В. Гогољ (1985), Аздак во Кавкаски круг со креда од Бертолт Брехт (1989), Дон Жуан во истоимената драма на Молиер (2000), Мустафа во Писание според расказите на Живко Чинго (2002), Алонсо во Бура од Шекспир (2004), како и улогите со кои современата публика го препознава и почитува, во претставите Црниот молив (2009), Крилја во огнена душа – Мевлана (Руми) (2011). Освен како театарски актер, публиката го препознава и по големиот број филмски и телевизиски ролји, одиграни во домашна и странска продукција. Играл во повеќето филмови на најпознатите македонски режисери. Од Најдолгиот пат (1976), Време води (1980), Ангели на отпад (1995), Џипси меџик (1997), Зад непријателските линии, Одмазда и Прашина (2001), преку Илузија (2004), Сенки (2007), Мајки (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014). Сведоштво за неговата работа, остануваат големиот број на ролји во телевизиски серии и драми, со кои израснаа голем број на генерации во Македонија. Тука само би ги споменале улогите во култните Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други. Се разбира дека неговиот талент и работа ги препознава и публиката и критиката и за тоа е наградуван повеќекратно. Добитник е на следните награди: Награда на ревијата Екран за најдобар актер (1976); Награда за најдобро актерско остварување на нашиот Фестивал, за улогата на Ахмет Нурудин во претставата Дервишот и смртта (1976) и за улогата на Аздак во претставата Кавкаски круг со креда (1989); Награда на град Скопје 13 Ноември за улогата на Хаџи Тома во претставата Коштана (1977); Награда 11 Октомври за улогата на А.Б. во претставата Дамокловиот меч (1983); Награда Димче Трајковски за најдобра епизодна улога на нашиот фестивал, за улогата на Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993), како и Специјалната награда на Македонскиот филмски фестивал Астер фест (2011). Наградата за животно дело за оваа година е признание и потврда за целокупната работа што ја има направено актерот Салаетин Билал за театарската уметност во Македонија.

Слични Објави