Владимир Светиев

актер

Роден е во с.Светомитрани, Прилепско, 14 јули 1945 година.

Автентичен по својот актерски израз, со исклучителен перформативен потенцијал, Владимир Светиев е еден од доајените на македонската театарска традиција. Со неверојатен осет за градење на ликот, со специфична вештина за соработка со различни театарски естетики, тој соработува со повеќе театарски креативци и од тоа го извлекува најдоброто во својата работа.

Владимир Светиев дипломира на отсекот за актерска игра на Академијата за театарска уметност во Загреб (1971). Тој е еден од првите студенти по актерска игра од Македонија кои се едуцираат под менторство на познатиот актер и педагог Илија Џувалековски. Оваа таканаречена „македонска класа“ актери учат сценски говор на мајчин јазик, за разлика од другите предмети кои се изучуваат на Факултетот. За македонската театрологија ова е исклучителна група на актери затоа што развиваат посебен модел на актерска игра и имаат можност истата да ја презентираат на сцените на театрите во Македонија.

По дипломирањето се вработува во Драмата при Македонскиот народен театар во Скопје (1971-1992). Во неговата работна библиографија од непроценливо значење е актерскиот ангажман во Театарот на Ромите „Пралипе” во Милхајм, Германија (1992-1994). Во овој театар, за разлика од матичниот каде се враќа од 1994 година до пензионирањето, тој негува поинаква театарска естетика која функционира на откривањето на интеркултуралниот и мултикултуралниот концепт напоредно со работата во таканаречена театарска трупа/братство што е еквивалент на изучувањата на една цела област на театарот наречена театарска антропологија. Со искуството стекнато таму, со својот личен активен и посветен однос кон театарот, со исклучителната работа на создавањето сопствена актерска естетика, Светиев се изградува во уникатен актер чиј дијапазон на игра е хетероген и обемен.

Како професионален актер дебитира на сцената на матичниот театар со улогата на адвокатот Ѓорѓи во претставата Под пирамидата (1971). Освен на матичната сцена, актерски е ангажиран и на сцените на театрите од Куманово, Струмица, Битола и Драмски театар – Скопје. Во неговото актерско портфолио треба да се внесе и искуството кое го стекнува уште како средношколец во професионална претстава на Народниот театар од Битола. Станува збор за претставата Река без брегови од И.Ивањи, во режија на Душан Г.Наумовски (1960). Освен овие треба да се споменат повеќе улоги по кои Владимир Светиев стана познат македонски актер со сопствена уникатна перформативност и потенцијал кој се транспонира кон повеќе различни естетики. Тоа се: Доне (Рамна земја, 1973); Лудиот (Дневникот на лудиот, 1974); Поетот (Славата и смртта на Хоакин Муриета, 1976); Радомир (Алексијада, 1978); Втор артист (Сојтарии, 1979); Кандид (Кандид, 1980); Касиј (Јулиј Цезар,1982); Трајан Поп Стефанов (Macedonische Zustande, 1984); Артистот дијабетес (Бог, 1984); Златикум (Скуп 1985); Мето (Глоговиот џбун, 1985); Баал (Баал, 1987); Перо (Црна дупка, 1988); Ричард Глостер (Ричард III, 1990); Професорот (Посета на старата дама, 1990); Гуревич (Валпургиска ноќ, 1990); Исус (Јануари, 1994); Птоломеј (Мелница, 1996); Игњат Наци Глембај (Глембаеви, 1996); Гаев Леонид Андреевич (Вишновата градина, 1997); Полониј (Хамлет, 1998); Ристо (Писание, 2002).

Неговиот актерски талент го препознава и публиката и критиката и за истиот е наградуван со повеќе награди. Некои од нив се: Награда за најдобро актерско остварување на МТФ Војдан Чернодрински – Прилеп (и тоа во повеќе години: 1977, 1988, 1991 и 2002); Награда на истиов фестивал и за најдобра епизодна улога, за улогата на Професорот во претставата Посета на старата дама (Прилеп, 1990); Награда на град Скопје 13 Ноември (1991); Награда 11 Октомври (1999).

Затоа и треба да се афирмира одлуката на Собранието на Фестивалов оваа година да го награди извонредниот македонски актер Владимир Светиев со наградата за животно дело!

Слични Објави