Лидија Иваноска

актерка

Актерка во пензија, во чиј обемен опус влегуваат поголем број значајни актерски остварувања, реализирани во дела од значајни жанрови и национални драматургии. Пред да помине една сезона во Народниот театар од Штип, ја посетуваше средната државна школа во Нови Сад, а во театарот во градот под Марковите кули со мали и незначителни прекини настапуваше од 1959 година, останувајќи му верна до крајот на својот работен век, што значи скоро три и пол децении.

За амбициозната и мошне продуктивна актерка Лидија Шумановац, подоцна Иваноска, не постоеја одредени фахови – играше се што и се доверуваше, на секоја задача приоѓајќи и со голема професионална одговорност и подготвеност. Подеднаков афинитет и интересирање покажуваше и кон делата од светската драмска класика и кон пиеси од современата домашна и странска драматургија.

Еден од првите нејзини поголеми актерски проблесоци како една од водечките актерки на народниот театар „Војдан Чернодрински” во Прилеп беше улогата на Лаура во познатото драмско дело „Татко” на Стринберг.

Својот несомнен талент и творечки потенцијал ги потврди и во поетските драми на Гарсија Лорка „Крвави свадби” (мајката) и во насловната ролја во „Домот на Бернарда Алба“. Не помалку уверлива беше и во пиесата „Лисица и грозје” од Тигрето (Клеа) и „Протекција” од Бранислав Нушиќ (Персида).
Оствари мошне впечатливи и пластични ликови и во „Солунски патрдии” од Миле Попоски и во „Адам и Ева” според Марко Цепенков (насловниот женски лик). Особено простудирано, колоритно и содржајно беше нејзиното Фатиме во споменатата хит претстава на прилепскиот театарски колектив – „Солунски патрдии“.

Лидија Иваноска презентираше несомнени креативни дострели и во доменот на камерното кажување. На малата сцена на народниот театар „Војдан Чернодрински” во Прилеп со успех реализира неколку дуо-драмски остварувања („Кому му е сеедно” од Бранко Илиев, „Заливот” и др. ) а не помалку ефектно играше и во монодрамски остварувања.
И по пензионирањето, повремено настапува во проекти на својата матична сцена.

Слични Објави