Благоја Спиркоски – Џумерко

актер

Роден е во Прилеп, 1946 година.

Во Народниот театар во Прилеп работи од 1966 година до пензионирањето.

Покрај на театарската сцена настапувал со завиден успех и во поголем број на ТВ драми и серии, во радио драми и во играни филмови. Забележително е, на пример, неговото актерско остварување во ТВ серијата Солунски патрдии. Освен на матичната сцена често гостувал и на сцените во Битола, Куманово, Штип, Велес, Струмица… Благоја Спиркоски е синоним за актерска популарност и омиленост кај публиката. Тој важи и за вонсериски талент со специфични актерски одлики кои несомнено придонесоа за неговото високо реноме на што се должи и неговата ангажираност во сложени сценски задачи. Оттука, во текот на неговата чиетиридецениска кариера тој израснува во еден од водечките актери во матичниот театар, но и пошироко во целината на македонското глумиште. Иако неговиот актерски опус опфаќа широк спектар на ролји од најразличен жанр во дела од светската класика и современа драматургија, сепак најзабележителни се неговите остварувања во делата од домашната драмска продукција. Во овој контекст некои од неговите најзначајни ролји се токму во дела на автори, како што се: Ристо Крле, Јордан Плевнеш, Миле Попоски, Благоја Ристески-Платнар, Блаже Миневски, Блаже Алексоски и др. Показателни за неговата актерска сензибилност и афинитет се и неговите креации во камерните театарски форми (Ибро Јаране), а неодминлив е и неговиот потфат за опробување на теренот на лизгавиот жанр на монодрамата. Така, ќе остане забележано дека во монодрамата Аз, Марко од Бошко Смаќоски, Спиркоски ќе го манифестира својот талент и усет за комичните нијанси и созвучја, но и за драмските моменти за кои тој е подеднакво благороден медиум како актерска индивидуалност. Често, неговите креации истовремено се и трагични и комични. На нему својствен начин тој особено води сметка за развојноста на ликот и ситуациите обликувајќи ги ролјите во актерски партитури кои се заокружени и докрај обмислени. Ако накусо треба да се сублимира неговиот учинок тоа е секако виртуозноста и бравурозноста кои секогаш наидуваат на воодоошевено прифаќање од страна на публиката и критиката. Останувајќи најчесто мртов ладен тој засмејува се окулу себе секогаш подготвен за трансформација и менување на ракурсот, подтекстот, приодот и редовно успешниот пласман на зборот, гестот, погледот… Добитник е на поголем број награди на МТФ во Прилеп.

Слични Објави