Елхаме Билал
актерка
Актерката Елхаме Билал е респектабилно име на Албанскиот театар од Скопје. Актерка со големо и долгогодишно искуство и на театарските сцени, и во телевизиските и филмските продукции. Нејзиниот актерски потенцијал го препознаваат големиот број режисери со кои таа соработувала.
Во обемниот актерски опус, таа вбројува соработка со редица реномирани режисерски имиња од домашната и меѓународната театарска сцена. Нејзината актерска естетика се темели на сериозна посветеност во работата и пренесување на искуството стекнато со долгогодишната работа. Она по што ја препознава публиката, го валоризира критиката и ја препорачува за работа кај режисерите е нејзината огромна љубов и посветеност кон театарот, како и создавањето на својата специфична естетика со која ги поместува границите на она што е секојдневна театарска креација. Актерка која внимателно го негува својот однос кон театарот, прецизно дефинирајќи ги улогите што ги создава, посветена кон задачите и фокусирана кон заедничката, колегијална креација. Создавањето на ролји на неколку јазици, креирањето на ликови од различни профили, прават од Елхаме Билал актерка каква што секој театар или филмска екипа може да посака да ја има во својот ансамбл.
Високото образование го комплетирала со дипломирањето на Педагошката академија во Скопје, а од 1968 година е вработена како актерка во тогашниот Театар на народностите – Албанска драма (денес Албански театар). Дебитирала на сцената на Албанската драма со улогата на Ајала во претставата Венчаница од Ефраим Кишон, во режија на Мирко Стефановски. Соработката со режисерот Мирко Стефановски, кој за македонскиот театар е важен поради наметнувањето на современата и модерна театарска поетика, продолжува во повеќе претстави на матичната сцена. До денес остварила над сто и дваесет ролји на сцената на матичниот театар. Меѓу повеќето остварени улоги, публиката ја памети по улогите на Флоранс во Клопкаод Роберт Томас, во режија на Кемал Лила (1970), Венера во А што сега Керон од Муртезан Пеза, во режија на Мирко Стефановски (1971), Ленче во Бегалка од Васил Иљоски, во режија на Тодорка Кондова – Зафировска (1972), Елена во Сон на летната ноќод Шекспир, во режија на Кемал Лила (1973), Јета во истоимената претстава од Неџат Мустафа, во режија на Димитар Христов (1974), Василиса Карповна во На днотоод Максим Горки, во режија на Димитар Ќостаров (1976), Жената на Карли во Глувци и луѓеод Џон Штајнбек, во режија на Мирко Стефановски (1980), Рада во Наследнициод Бранко Пендовски, во режија на Драган Вељановски (1982), Марта во Сестрите со црвена панделкаод Пунторие Зиба, во режија на Дрита Пелингу (1994), Мадам Хани во Зетот од Париз од Дритон Мифтари, во режија на Сефедин Нуредини (1998), Хелена во Белиот шеширод Олса Мазе (2009) и уште многу други. Албанскиот театар во Елхаме Билал ја има една од своите најистакнати актерки, која долго го држи репертоарот на театарот. Активна во работата, посветена, создава своја актерска естетика која се препознава во секоја улога. Нејзиниот театарски опус бележи редица важни актерски креации кои и денес се дел од глобалната меморија на нашата култура.
Во јануари 2016 година, по повод нејзиното пензионирање ја одигра улогата на Аби Бустер во претставата Арсеник и старата тантела од Џозеф Кесерлинг, во режија на Куштрим Бектеши, на сцената на матичниот театар. Освен во театар, активно партиципира и во телевизиските драми, филмови и серии. Остварила исто така, бројни улоги во повеќе играни филмови. Од филмските и телевизиски ролји треба да се споменат: Мануша во Кога пролетта доцни (1979), Линда во Едуарт (игран филм, 2006), Жената на Керим во Исток-Запад-Исток (игран филм, 2008) и многу други.
Нејзината богата актерска естетика е следена и од критиката и од публиката, за што сведочи нејзиното учество на повеќето реномирани домашни и меѓународни фестивали. Актерката Елхаме Билал е исклучителен креативец, со широк спектар на создадени ликови по кои ја памети и критиката и публиката.