Снежана Стамеска

актер

Родена е во Скопје, 1 јануари 1946 година.

Примадоната на македонскиот театар, Снежана Стамеска, е една од водечките актерки на Драмскиот театар. Оваа година таа е единствената дама од добитниците за највисоката награда на Фестивалот.

Препознатлива по својот уникатен талент и неверојатната трансформативна моќ, во текот на годините се етаблира како подеднакво активна и во театар, филм, радио и на телевизија. Македонскиот театар ја има честа и задоволството да има актерка од овој калибар. Повеќе од педесет улоги на професионалните театарски сцени во Македонија, како и голем број на филмски и телевизиски улоги, покажуваат дека станува збор за исклучителна актерка со специфична креативност, професионалност и автентичност. Снежана Стамеска ја препознаваме по нејзината оригиналност и посветеност на театарот до максимум.

Дипломирала на Театарската академија во Белград (1970) и веднаш по дипломирањето е вработена во Драмски театар – Скопје. Развивајќи ја својата лична поетика, на значителна актерска фигура, Снежана Стамеска на матичната сцена одиграла четириесет и седум улоги. Останатите улоги ги остварила на сцените на Македонскиот народен театар (две претстави), Градскиот театар – Скопје, Детски театарски центар, Универзална сала и во независна продукција. Нејзината актерска креативност ја дефинираат улогите на доминантни женски фигури, кои и интиутивно и рационално се создавани со единствена цел, да направат комплетна актерска креација. Моќна во презентирањето на исклучителни жени, исто така, самоуверена кога станува збор за прикажување на карактери од кои може да се препознае став и активен однос кон светот околу нас, таа е актерка која се профилира работејќи со повеќето големи театарски режисери во нашата земја. Од улогата на Косара во драмата Владимир и Косара од Стефан Таневски (1971), Рут во Дејството на гама зраците врз сенишните невени од Пол Зиндел (1973), Лица во Ослободување на Скопје од Душан Јовановиќ (1978), Вера во Диво месо од Горан Стефановски (1979), Вера во Среќна нова `49 од Гордан Михиќ (1985), Зоја во Зојкиниот стан од Михаил Булгаков (1986), Мица во Сили во воздухот од Небојша Ромчевиќ (1988), Деде Ченс во Дамите од Аламо од Пол Зиндел (1993), Кејт во Игранка од времето на Лунаса од Брајан Фрил (1995), Мег во Злостори на срцетоод Бет Хенли (1995), Херцог во Диво месо (2000), Султана во Лет во место од Горан Стефановски (2005) и многу други. Играла во голем број телевизиски серии и филмови, како и во три македонски долгометражни играни филмови (Жед, 1971, Нели ти реков, 1984 и Глас, 2000). Телевизиските гледачи најмногу ја паметат по улогите во сериите и филмовите продуцирани од денешната Македонска радио и телевизија, како што се: Комедијанти (1984), Солунски патрдии (1985), Трст виа Скопје (1987), Во светот на бајките (1995) и многу други.

За својот голем придонес кон театарската уметност, наградувана е повеќекратно. Нејзините улоги се препознаени и од публиката и од критиката. Треба да се споменат: Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата Ослободување на Скопје (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал Војдан Чернодрински за улогата на Вера во претставата Среќна Нова `49 (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Зоја во претставата Зојкиниот стан (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата Сили во воздухот (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата Платонов (2000); како и најголемата државна награда – Наградата 11 Октомври (2002). Наградата за животно дело на Фестивалот оваа година има за цел да ја заокружи импресивната театарска креативност на Снежана Стамеска и да и се заблагодари во име на театарската публика и театарските уметници од Македонија за нејзиниот огромен придонес за театарот во Македонија.

Слични Објави