Емил Рубен

актер

Емил Рубен (1948) е актер за кој безброј пати е констатирано дека е „жива легенда“ на македонскиот театар и филм. Дипломира на актерска игра на Академијата за филм и театар во Загреб во 1971 година, од каде се враќа во Скопје и се вработува во тогашната Драма при Македонскиот народен театар – Скопје, во 1974 година. Таа му е матична сцена на која има одиграно дузина и дузини ликови во нови и стотици репризни претстави. Игра и на други сцени. Во 2008 година му е доделена наградата за животно дело со името на легендата на македонското глумиште Петре Прличко, за 2007 година, а во 2001 година ја добива и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.

Како актер тој континуирано, трпеливо и сигурно ја создава својата театарска, филмска и телевизиска ризница на ликови. Актерската професија ја започнува во раното детство, на 7 години: во 1954 година е одбран да ја одигра улогата на Жарко во филмот „Тие двајцата“ на Жорж Скригин. Две години подоцна има уште два филма и две главни улоги: долгометражниот „Малиот човек“ на Жика Чукулиќ и краткометражниот „Бунт на куклите“ на Димитрие Османли. Уште во тие свои први чекори пред камерата покажува изворен талент за филмска глума/игра.

Емил Рубен е актер кој безрезервно му припаѓа на театарот. Го имало и го има во речиси сите важни претстави на МНТ – секогаш како лик кој се памети по неговата игра. Пред почетокот на претставата е „опуштен тремаџија“, а пред публиката и во текот на изведбата, е актер кој ги истакнува деталите со кои го обликува ликот. Тој е актер со одлична говорна дикција, актер кој јасно говори текст и секој негов лик е убедлива презентација на неговата актерска вештина.

Прв допир со театарот му е во претставата „Чичко Томината колиба“, како гостин, изведена од учениците на старата Учителска школа т.н. „Идадија“, во 1960 година. Професионално почнува да се занимава со театар во 1966/67 година: со улогата на Детето во претставата на МНТ – „Случајот во Виши“ во режија на Димитар Ќостаров. Височината на глумата ја потврдува низ ликовите од домашната и светска драматургија, од современоста, класиката или антиката. Тоа се ликови во кои тој се идентификувал како шегаџија, пијаница, маргиналец, бунтовник, трагичар – Благоја во „Под пирамидата“ (1971), Кире во „Тесен пат кон далечниот север“ (1972), Лудиот Роган во „Пелиново“ (1974), Петер во „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ (1976), Мартин во „Кандид“ (1980), Октавиј во „Јулиј Цезар“ (1982), Могел во „Свирач на покрив“ (1983), Лазо во „Мрестење на краповите“ (1987), Оронт во „Мизантроп“ (1989), Васил во „Женски прилог во ноќта“ (1993), Фабрициј во „Господа Глембаеви“ (1996), Симеонов во „Вишновата градина“ (1997), Степан Трифимович Верховенски во „Демони“ (2001), Фезлиев во Црнила 005 (2005), Советник во „Ревизор“ (2006), Шарл Ваклде де Лагранж во „Животот на Молиер“ (2012), Жика во „Сомнително лице“, Доктор Стравински во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), Аристарх Доминикович Скубик во „Животот е прекрасен“ (2015), Реџиналд Пеџит во „Квартет“ (2016), Тито кучето во „Изгубени Германци“ (2013) … Токму во оваа улога во која игра низ молк (повеќе од два часа на сцената без да проговори ниту збор) се согледува врвната мајсторска игра на актерот Емил Рубен.

Емил Рубен е еден од ретките македонски филмски актери кој уште од своите најмлади години има можност да снима со актерските величини како Миливоје Живановиќ, Мира Ступица, Бранко Плеша, Раде Марковиќ, а подоцна, во својата професионална кариера – и со Ристо Шишков, Мадлен Жобер (во францускиот филм „Јавачи на бура“ од 1983 година), Илија Џувалековски, итн… Во неговата селективна филмографија се филмовите: „Тие двајцата“ (1955), „Малиот човек“ (1957), „Бунт на куклите“ (1957), „Ветрот запре пред зори“ (1959), „Партизански приказни“ (1960), „Денот четиринаесетти“ (1960), „Истрел“ (1972), „Јазол“ (1985), „Збогум на 20-тиот век“ (1998), „Глас“ (2000), „Писмо“ (2000), „Едно од лицата на смртта“ (2003), „Седум приказни за љубовта и свршувањето“ (2003), „Како убив светец“ (2004), „Бал-кан-кан“ (2004), „Контакт“ (2005), „Остани исправен“ (2005), „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“(2013), „Хеј“ (2018).

Преку остварените ликови на Емил Рубен на сцената на МНТ се испишува и голем дел од историјата на театарот во изминатите децении во кои тој своите ликови ги реализирал на начини кои го вреднуваат на најпрепознатливо квалитетно ниво. Емил Рубен, низ ликовите остварени на сцената на МНТ, секогаш е забележан и од критиката – во земјава и на гостувањата вон неа. Со постојаноста на квалитетот на сцената, на филмското платно и на телевизискиот екран, Рубен е вредносен носител на реализации преку кои тој е запаметен/се памети како човек/актер/уметник кој се гради а на сето изминато време му дава значаен белег.

Слични Објави