Љубица Гојковиќ-Николовска

актерка

Родена е на 7 април 1945 во Куманово, член е на Народниот театар од Куманово од 1966 година сe до пензионирањето. Првата улога ја добила на 15-годишна возраст во претставата „Младоста пред суд“. Заедно со татка си, актерската легенда на кумановскиот театар Ѓоко Николовски, настапувала во претставите „Ленче Кумановче“, „Печалбари“, „Зона Замфирова“, „Ташана“, „Коштана“, „Вујко Вања“, „Моралист“, „Ученикот на ѓаволот“. На сцената заедно чекореле цели 18 години. Љубовта кон театарската уметност, пренесена од татко и, продолжила да живее во неа сe до нејзиното пензионирање, па и до денешни дни.

Во Театарот во Куманово почнала да работи во неговиот златен период. Ансамблот бил солидно екипиран, многу се работело, се правеле голем број претстави и се собирале големи успеси, дури и на меѓународен план. Тогаш директор на Кумановскиот театар бил Драгољуб Димовски Шетко, човек кој собрал извонредна екипа со која Театарот достигна вистински процут, афирмирајќи го низ цела поранешна Југославија. Зенитот на Театарот траеше долга низа години.

Љубица Гојковиќ-Николовска во својата 35-годишна актерска работа настапи во околу 300 претстави. Според неа, најдрага, најпозната и најомилена улога, а во истовреме и на публиката, и е Ленче во „Ленче Кумановче“ од Васил Иљовски. За оваа улога во 1993 година ја доби Наградата на читателите на списанието „Жена“ и по тој повод е напишано: „вечната и незаборавна ’Ленче Кумановче‘, културен симбол на градот, лик без кој не може да се замисли ниту една претстава, ниту едно културно случување, вистински актер, вистинска дама, личност со стил“. Нејзе подеднакво и се драги и улогите во: „Антигона“, „Електра“, „Лазаревото писмо“, „Гејм оувер“, „Диво месо“, „Глембаеви“, „Сочувај ја својата тајна“, „Малограѓанска свадба“, „Кумановска свадба“… Повеќе и лежат драмски улоги, но добро се снаоѓа и во комедии. Актерот треба да носи во себе разновидност и подеднакво да е добар во сите жанрови…

И по толку години, Буба нема време за одмор. „Артистот, вели, секогаш чувствува долг кон публиката и живее за нејзиниот аплауз“. Се препознава по карактеристичниот глас, филмскиот поглед кој зрачи од нејзините очи и убавото лице.

„Покрај татко ми, јас израснав во театарот. Тоа како да морало да се случи. Не можам да замислам да работам ништо друго. Понекогаш не знам кој ми е прв дом, дали театарот или оној во кој живеам“. Жали што ќерките не пошле по нејзиниот пат и се надева дека тоа, можеби, ќе го сторат внуците. Смета дека е успех да се пребродат сите кризи и да се остане нормален, здрав, исполнет и жив. За свој неуспех го смета тоа што не се потврдила повеќе на филмот и на телевизијата, а жали и што не родила повеќе деца.

За нејзината игра на сцената имаат пишувано многу критичари, и тоа главно во суперлативи. На пример, за нејзината улога во „Партија реми“ од Дин Ли Кобурн, критичарот напиша: „Љубица Гојковиќ донесе на сцена една силна Моника што раскрстува не само со својот живот, туку и една жена што преку партијата реми го игра својот живот. Нејзината актерска вештина се транспонира од внимателна, суптилно предадена женственост до остра, систематична промисленост на повредена жена“ и ја покажа актерската експресивност како една од позитивните оски на еден театар кој ововремено беше на изумирање. Гојковиќ игра како да е ова последната партија реми, актерство, живот! Ја голта докрај својата способност за трансформација. И ја покажува максимално Љубица Гојковиќ, првенката на Народен театар – Куманово“. Добитник е на наградата на град Куманово за претставата „Дејство на гама-зраците врз сенишните невени“ во 1984 година и на Ноемвриската награда на град Куманово за животно дело во 2005 година.

Работела и со аматерскиот театар во Свети Николе, со кој има освоено повеќе награди.

Слични Објави