Љубиша Георгиевски
режисер, писател, педагог…
Наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело, која годинава ја добива Љубиша Георгиевски, не соочува со нужноста да ја рекапитулираме и сумираме раскошната биографија на овој човек кој, во текот на своите досегашни 76 години, евидентно успеал да одживее неколку паралелни животи. И да се справи, маестрално, со неколку напоредни идентитети.
Еве, се обидувам нив да ги соберам на купче:
Љубиша Георгиевски е театарски и филмски режисер, кој, во текот на изминативе 55 (и нешто повеќе) години, потпишал повеќе од 160 претстави, ама и дваесеттина филмови (кратки и долги) и телевизиски драми;
Љубиша Георгиевски е драмски писател, чии што девет пиеси се изведувани на десетици театарски сцени, македонски и немакедонски; десеттата пиеса со загадочниот, малкуцка трилерски наслов „Елсинор кејс“, веќе ја чека својата праизведба;
Љубиша Георгиевски е прозаист/есеист со десет објавени книги – колумните, фељтоните, полемиките и друга публицистичка актива која не ја броиме;
Љубиша Георгиевски е театарски педагог за кого неговите некогашни студенти раскажуваат легенди, се колнат во него и го имаат како репер според кој ги одредуваат личните и професионалните стандарди: естетички, етички, жителски, дури и семејни, интимни…
Љубиша Георгиевски е интелектуалец од онаа вонстандардна, речиси ренесансна, денес веќе изумрена сорта: неуморен читател на недобројни книги, вечен немирник/љубопитник кој секогаш мисли „во тангенти“ (како што вели Крлежа), полиглот кадарен да зборува, пишува, мисли и сонува на еден куп јазици;
Љубиша Георгиевски е глобтротер кој – сам или со своите недобројни претстави – суверено ги крстосува меридијаните и паралелите, не дозволувајќи никој да му наметнува комплекс на граѓанин на мала земја, припадник на мал народ, говорник од мал јазик… Кој мал јазик? Та нели оние двајца свети браќа, изворни говорници на тој јазик и неговите први кодификатори, среќно го описмениле сиот словенски свет!!!
Љубиша Георгиевски е активист од голем формат кој веќе шеесет години, низ сите свои дејанија – театарски, писателски, мисионерско-просветителски и секакви други – ултимативно ја застапува и ја афирмира каузата дефинирана во сосема еднозначна, проста и строга егида: МАКЕДОНИЈА. Светот на Георгиевски, интимен и професионален, отсекогаш е галилејски македоноцентричен;
Згора на сето, Љубиша Георгиевски е – дури – и политичар per definitionem. Овој факт лесно се проверува и докажува преку редица полит-професионални ангажмани со кои тој доброволно се нагрбил во текот на последниве две и повеќе децении. Кога се решил да се вмеша и во политичката прагма – дневна, груба и многупати цинична – тој наврапито тргнал истата да ја театрализира уште од првиот миг.
Потсетете се:
Пред дваесет години, 1994, на првите претседателски избори во Република Македонија, Љубиша Георгиевски освоил нешто повеќе од 203.000 гласови: мошне реални, ниту малку театарски или „божемски“. Ќе победеше за влакно.
Шест години подоцна, 2000, станал дипломат – македонски амбасадор во Софија. Успешна улога.
Потоа, по парламентарните избори 2006, авансирал во претседател на Собранието на Република Македонија. Со тоа, сметано формално-хиерархиски, тој станал втор носител на највисоката власт во државата. Ептен крупна улога. Во хеленистичкиот театарски систем таа улога е типологизирана како онаа на втор актер.
Во моментов, Љубиша Георгиевски го привршува својот втор успешен амбасадорски мандат – овој пат во Република Србија. Тој, нели, е успешен – хронично успешен, повеќе од успешен! – во сè со што ќе се нафати.
Љубиша Георгиевски е креативец plus ultra, позитивец по вокација, фанатик по биоритам, сонувач по раѓање, работохолик по карактер, ѕвездалија кому наречниците му предодредиле секогаш да чекори по сончевата страна на улицата…
Театарџија од исклучителен, речиси ендемичен сој. Еден од најавтентичните што сме ги имале, кога било. Некогаш дури и напорен, ама секогаш тесписовски заигран, драгоцен дотука бидува!