Крсте С. Џидров
сценограф
Крсте С. Џидров (22. 12. 1950, Скопје) е истакнат македонски сценограф, кој започнувајќи од 1970 година до денес работи во областа на театарот. Тој има изработено над 90 сценографии за драмски претстави во професионалните театри во Македонија и на просторите на некогашна Југославија, од кои над 15 од нив се наградени на фестивали, театарски манифестации и слично. Освен театарска сценографија, тој работи и сценографии за филм – досега има работено на пет реализирани целовечерни играни филмови, како и за повеќе кратки филмови и комерцијални спотови. Џидров има работено и сценографии за приредби од државен карактер, конгреси, културни манифестации, модни ревии и слично. Освен со сценографија, тој се занимава и со графички дизајн, при што има дизајнирано поголем број на каталози и плакати за потребите на повеќе театарски претстави, комерцијални проспекти како и плакати за некои фестивали.
За својата сценографска и графичка дејност, Крсте С. Џидров е добитник на повеќе значајни награди. Од наградите за сценографија кои ги има добиено се оние на: Аматерските театарски смотри во Кочани, во 1981 година, за претставата Како трупата „Сина блуза“ ќе ја прикажеше „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел; потоа на театарските игри Војдан Чернодрински во Прилеп во 1984 година (за Натемаго на филозофскиот факултет и Пахантика во сон), 1987 година (за Калуѓерички тишини), 1989 (за Спиро Црне), во 1993 (за Женски прилог во ноќта) и во 2003 година за претставата Колку пати ќе умираме. Исто така е добитник на наградата на фестивалот Стериино позорје, во Нови Сад, во 1987 година, каде ја има добиено наградата УЛУПУДС за претставата Дервишот и смртта на Покраинското позориште од Приштина; на Позоришни сусрети Јоаким Вујиќ во Приштина, 1988 година, за претставата Брегот на жалоста; на БИМАС 85 за претставата Бакхи на Дубровачките летни игри во 1985 година, и на фестивалот на Албански театри во Дебар за претставата Дервишот и смртта Албанска драма Скопје, во 2004 година. Од наградите за театарски плакати значајни се оние на Триеналето на театарски плакат – Стериино позорје, Нови Сад за претставата Баал, во 1990 година, и наградата на театарските игри Војдан Чернодрински во Прилеп, за претставата Грев или шприцер (1993 година).
Со појавата на Крсте С. Џидров – Џиби се покажа дека образованието архитект во областа на сценографијата е предност, при што нему му овозможи полесно совладување на просторот, како и поинаков начин на изведба на сценографијата – декорот, кулисите. Поради тоа графичката презентација на сценографијата повеќе не е сликарска, туку проект со „прецизни и студиозни скици, со разработени детали и сугестивно изработени макети“, со јасно презентирана идеја, при што се оневозможува импровизација при изведбата на сценографските елементи. (В. Милчин, сценографии каталог, Мот 85).
Или како што самиот Џидров ќе каже: „Мислам дека веќе е дојдено до сознание дека архитектите можат да дадат сценографија визуелно побогата и просторно посодржинска. За мене, ова занимавање со сценографија е всушност и едно интензивно занимавање со архитектурата. (Каранфилов, Екран 1983).
Во сценографиите кои ги слика и обликува Џидров обединети се слободата на креацијата и мајсторството на реализацијата. Просторот на сцената е оформен со неговите креации во чија изработка се употребени материјалите плексиглас, пластика, камен, песок, вода, метал , струготини и … Во тој простор се движат актерите кои се осветлени од постоечкиот „светлосен парк“ на театарот и од новите специјално подготвени дополнителни светлечки елементи во нови идеи и креации.
Она што особено влијаеше врз креативноста и развојот на Џидров како сценограф, се трендовите во уметноста и архитектурата во 70-тите и 80-тите години, тоа се поп-артот, Енди Ворхол, Роберт Раушенберг и Рој Лихтенштеин, концептуалистот Кристо Јавашев, руската авангарда и конструктивизам, архитектите Ле Корбизије, Валтер Гропиус и Баухаус, тогашниот постмодернизам во архитектурата идеологот и филозоф Чарл Џенкс и архитектите Паоло Портогези, Рикардо Бофиљ, браќата Криер, Ото Фрај, Алдо Роси, Норман Фостер; групата Архиграм, движењето Артроподс, и јапонските архитекти Арата Изосака и Јамасаки Минору.
Во својата долгогодишна работа прилично голем дел од сценографиите ги има направено за претставите на режисерот Владимир Милчин. Нивната соработка започнува од времето на постоењето на театарската, авангардна и култна театарска група „Театар кај Св. Никита Голтарот“ (1970 година), каде Џиби е актер а Милчин режисер. Претставата на „Голтарите“ беше направена според стиховите на писателот Славко Јаневски со наслов „Скици од преданието Каинавелско“ која во тогашната СФРЈ постигна големи успеси на многуте фестивали на кои настапуваше.
Со формирањето на Театарската работилница ФФ(1980 година), при Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет нивното дружење и соработка продолжува. Најпозната претстава на Работилницата е „Зелената Гуска“ . Како резултат на работата во Работилницата режисерот Милчин му ја доверува на Џидров заедно со Симон Узуновски (со кој ги работат во тандем првите сценографии) изработката на сценографијата за претставата „Бовча“ Едвард Бонд(1982 година) во Албанската драма при Театарот на народностите во Скопје. Тоа е првиот ангажман на Џидров во професионален театар. Од тој период до сега Џидров и Милчин ќе соработуваат на голем број претстави а некои од нив ќе бидат и наградувани на театарските фестивали. Заради таквата долгогодишна соработка Џидров ќе го добие епитетот „сценографот на Милчин“. Покрај работата со Милчин, Џидров има плодна и успешна соработка со режисерот Димитар Станковски со кој ќе ги направат хит претставите на Драмскиот театар, „Чија си“, „Грев или Шприцер“ и „Женски оркестар“.
Во бројката од 41 режисер со кои соработувал Џидров се најголемиот број на македонски режисери од сите генерации: Амет Јакупи, Коле Ангеловски, Илија Милчин, Владо Цветановски, Љупчо Тозија, Владо Денчов, Срѓан Јанаќијевиќ, Димитар Христов, Кирил Петрески, Куштрим Бектеши, Мартин Кочовски, Софија Ристеска, Зоја Бузалковска, Александар Ивановски, Рефет Абази, Бесфорт Идризи, Нехат Мемети… Во својата сценографска кариера Џидров соработува и со гостувачки режисери од странство како што се Ајрин Луис (САД), Владимир Шмигашиевич (Полска), Златко Свибен (Хрватска),Георги Михалков (Бугарија) Александра Ковачевиќ, Златко Паковиќ (Србија), Иван Поповски (Русија), Џејмс Амар (Франција), Тања Милетиќ-Оручевиќ, Дино Мустафиќ (Б и Х), Примож Беблер (Словенија), Фадиљ Хисај, Илиријана Арифи, Агон Мифтари, Агим Сопи, Есад Брајшори (Косово), Гјерг Превази (Албанија), Метју Лентон (Шкотска).