Кирил Ристоски
актер и педагог
оден е во Прилеп, 14 ноември 1948 година.
Сите го паметиме како еден од најскромните и најпитомите луѓе што сме имале среќа да ги запознаеме. Зад таа негова беспримерна едноставност и кроткост – прилично нетипична за клетата актерска професија, по дефиниција екстравертна и барем малкуцка колерична… – некако природно, незабележително, безмалку „сама од себе“, трпеливо се создавала една грамадна кариера. Импресивна во секој поглед.
Неговото драматично и ненадејно заминување, нагло нè соочи со нужноста таа кариера посериозно да ја здогледаме и позадлабочено да ја истражиме. Да ја вреднуваме, најпосле!
Откако ги собравме и ги суредивме фактите кои ја докажуваат професионалната и уметничката исклучителност на Кирил Ристоски, како наеднаш да станавме свесни дека се работи за актер со една од најдолгите и најимпресивните кариери што нашава театарска историја ги памети.
Еве ги, сумарно, тие факти пред кои, стаписани и замолчени, остануваат не само боговите, туку и дрдорливите луѓе:
Од неполни 63 проживеани години, безмалку 46 Кирил Ристоски ги одживеал како професионален актер. Дебитирал, како што е редно, со ноторната епизода (Првиот стражар) во Шекспировата комедија Ноќ спроти Водици. Било тоа во сезоната 1965/66, на сцената на Прилепскиот театар. Во својот роднокраен театар тој останал наредните седум години, во текот на кои одиграл седумнаесет ролји и, лека-полека, напредувал во хиерархијата. Ама, постојано го прогонувало чувството дека, освен дарбата и вештините, актерот мора да има и соодветно/солидно образование. На 25-годишна возраст решил да даде отказ и да се истопори на приемниот испит на Отсекот за актерска игра при тогашната Музичка академија во Скопје. За да студира, како најстар во својата класа.
И пред да дипломира (cum laude, се разбира!), Кирил Ристоски започнал интензивно да игра во претставите на Македонскиот народен театар, каде потоа стапил во постојан ангажман (1978). Десет години подоцна, Факултетот за драмски уметности го избрал за доцент по предметот актерска игра. Наредните 23 години тој ги поминал и како обожуван даскал, врвен театарски педагог, еден од оние (ретките) што умеат и татковски – а не само професионално – да бдеат над десетици и десетици идни македонски актери.
Одиграл, вкупно, 83 театарски и 26 филмски и телевизиски ролји. Снимил повеќе од 200 радио-драми. Одработил недобројни поетски и ини настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и беспоговорен во односот кон работата.
Добил, вкупно, 10 актерски награди, од кои пет во Прилеп, на МТФ „Војдан Чернодрински“, фестивалот што во 1997 година среќно го реструктурирал, а потоа и го водел повеќе од успешно, полни десет години…
Дури сега, отпосле, стануваме свесни за историското значење на личноста на Кирил Ристоски, единствениот македонски актер кој ја имал привилегијата да биде не само симболичка, туку и вистинска алка-поврзница на феноменот кој, уште пред шеесетина години, еден голем критичар профетски го нарекол македонска глума.
Имено, Кирил Ристоски е нашиот единствен актер кој играл, рамо до рамо, со сите основоположници на македонското глумиште: Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Мери Бошкова… Потоа, како рамноправен партнер, продолжил да игра со нашите најголеми актерски ѕвезди: Ристо Шишков, Ненад Стојановски, Дарко Дамески, Милица Стојанова, Мето Јовановски… Бесценетите знаења и немерливите искуства стекнувани со нив, Кирил Ристоски несебично им ги пренесувал – со чисто срце и со крстот на чело… – на своите помлади и најмлади партнери и студенти: Ѓорѓи Јолевски, Габриела Петрушевска, Арна Шијак, Биљана Беличанец, Васил Зафирчев, Мартин Мирчевски…
Ниту имало, ниту ќе има актер кој би можел да ја повтори оваа историска улога, што Кирил Ристоски ја исполнил децентно, ненаметливо и – најважно! – креативно во највисока, дури и во апсолутна смисла.
Доколку ја прифатиме онаа романтичарска хипотеза, според која актерството не е само професија туку е – судбина, тогаш нему судбината му ја избрала божицата Талија лично. Само таа можела да предодреди дека токму Кирил Ристоски – онака стамен, работлив, чувствителен, добромислен и чесен до немајкаде… – ќе да е предодреден да го понесе товарот и честа на Првиот врзен играч во историјата на македонското актерство.