Елена Дончева

костимографка

Елена Дончева (16 април 1942, Скопје) е еден од најплодните автори во оваа професија во Македонија чија творечка дејност трае повеќе од 35-години, период во кој реализира околу 400 костимографии. Низ тоа творештво се следи ликовен, естетски и применет афинитет, кој се изразува низ барокни, класични, етнографски и модерни елементи.

Костимографија дипломира на Академијата за применета уметност во Белград (1967). Како вработена во Македонската телевизија (1967-1975) и потоа во Македонскиот народен театар (се до 2001, кога заминува во пензија), до денес постојано е со новите театарски, балетски, оперски или филмски (пет) проекти и со костимските решенија за разни телевизиски емисии. Дончева одамна го формира својот препознатлив стил: истенчено визуелно чувство во кое се спојуваат идејата, формата и бојата. Низ елементот на ликовноста стожерно место/спој добиваат карактерот и времето на/од кое се ликовите на кои им се наменети костимите. Низ нив се открива светот и човекот во него, карактерот на ликот, пораката, состојбата, слојот на кој му припаѓа. Максимално едуцирана, надарена, работлива и љубопитна, Дончева не еднаш со костимографијата ја решава и сценографијата за одделни сценски дела, секогаш понесена од високо развиената смисла за соработка, толеранција и трпеливост. Карактеристичниот потег во цртежот и колористичната хармоничност на реализацијата се откриваат и низ неколкуте нејзини костимографски изложби.

Елена Дончева е добитничка на 14 награди за најдобра костимографија на МТФ Војдан ЧернодринскиХасанагиница (1979), Пиреј (1982), Пахинтика во сон (1984), Сон на летната ноќ (1985), Црниот Зека патува во Вавилон (1986), Пипа-ритам (1986), Забуни (1989), Спиро Црне (1989), Роднокрајци (1989), Крал Хамлет (1990), Ричад III (1991), Нажалена фамилија (1992), Народен пратеник (1992), Розенкранц и Гилдестерн се мртви (1995). Добитничка е и на Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад).

Списанието Словенски екран (1975) Елена Дончева ја прогласи за најдобар костимограф во југословенската продукција за таа година…

Слични Објави