Ратка Чоревска
актерка

Родена е во Штип, 1924 година.
Својот работен век таа го минува во Битолскиот народен театар (1951 – 1980). Но, важно е да се истакне дека активно настапува во репертоарот на театарот и по пензионирањето.
Нејзина последна ролја е онаа во Мајстори на забуни поставена во 1994 год. Во речиси четиридецениската кариера таа израснува во респектабилен член не само во ансамблот на Битолскиот народен театар туку и пошироко. Нејзината актерска игра се одликува со едноставност и блискост, со една воздржаност и одмереност во креацијата, така што не ретко критиката ја издвојува како актерка чиј придонес е евидентен за целокупниот сценски чин. Така на пример, за претставата Пат околу светот од Нушиќ ќе остане забележано дека … оживувањето на ликовите во комедијата не е за потценување, а за што режијата има драгоцена помош од учесниците, а пред се во толкувањето на Ратка Чоревска (Јулишка). Слични се и оценките за нејзиниот настап и придонес и во други дела од комедиографскиот жанр иако знае да се наметне со своите креации другите жанрови. За ролјата во претставата Жолтиот кафез во одгласите се потенцира дека … Ратка Чоревска особено умешно ги издвојува драмските акценти на ликот… Прегледот на нејзиниот ангажман покажува дека тоа е подеднакво и со успех е ангажирана во дела од сите жанрови и епохи (старогрчката класика, современата светска и домашна драматургија, па и во претставите за најмладите). Ратка Чоревска важи за актерка со висок професионализам и неспорна професионална етика и сериозност во пристапот кон доверените сценски задачи. Проследувачите на театарот се сложуваат дека и покрај се нејзиниот придонес кон актерското дело во Македонија останува најевидентен во жанрот на комедијата. Во нејзината биографија стои дека таа со успех настапувала, покрај во веќе наведените, уште и во следниве претстави од овој жанр: Д-р, Одам на лов, Венчавката на Барион, Бубачки в глава, Дубровнички ѓаволштилак, Госпоѓа министерка,Чорбаџи Теодос, Свадба. Во некои постановки таа настапувала во различни ролји во временска дистанца од десетина години (Чорбаџи Теодос, Госпоѓа Министерка и др.).
Од нејзината селективна театрографија ги наведуваме и ролјите во претставите, Антица (Саветка), Домот на Бернарда Алба (Мартирија), Покојник (Ана), Чорбаџи Теодос (Цонка и Петрија), Бегалка (Велика), Окрвавен камен (Евгенија), Нечиста крв (Стоја), Крвави свадби (Тештата), Бубачки в глава (Антоанета), Самоубиец (Раиса Филиповна), Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко (Втората жена), Госпоѓа министерка (Соја и Савка), Младите се прекрасни (Леди Фицбатрес), Андромаха (Клеона), Млади синови (Ката), Лице в лице (Јованка), Свадба (Стојна), Џинот фалбаџија (Баба Трпана), Трите волшебни кучиња (Кнез), Пубертетлии и фосили (Бабата), Мајстори на забуни (Војводата Салин) и уште во Дрвената чинија, Романов и Јулија, Дамата со камелии, Бура, Ивкова слава, Хајди, На дното, Нашето бебе, Рибарски караници…
Мајските награди што ги доделувало Здружението на драмските уметници на Македонија, а за кои во 1964 година одлучувало жирито во состав, Илија Милчин, Тома Киров и Борис Стефановски ја наградува и Ратка Чоревска за улогата на Хилда Хартман во претставата Најдобра препорака.