Борис Чоревски

актер

Борис Чоревски

Борис Трајко Чоревски е роден 15.9.1949 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје, во класата на професорот Димитрије-Рули Османли. Од 1975 е постојан член на ансамблот на НУ Народен театар Битола. Од тогаш до сега одиграл околу 150 улоги.

Се чини дека речено е сè ако се каже дека овој актер е “роден” на сцената, дека произлегува од типично театарско семејство, дека од најрана возраст е инфициран од театарот. Бидејќи и неговиот татко-истакнатиот театарски и филмски актер Трајко Чоревски, кој почина многу рано, во својата најголема творечка зрелост, и неговата мајка-актерката Ратка Чоревска, неуморно создаваа на сцената на Народниот театар Битола. Борис Чоревски, уште како дете, играше на Младинската сцена на овој театарски колектив. Уште тогаш беше забележан неговиот исклучителен талент, така што за ликот на Хенри, во претставата “Незакопани мртовци” од Жан Пол Сартр, ја доби наградата за најдобра машка улога на Републичките драмски смотри 1970 година и награда за најдобра машка улога на Сојузниот Фестивал на драмските аматери во Хвар (поранешна Југославија).

Во една ваква констелација на состојбите, што друго можеше да избере Борис Чоревски, за своја животна професија, освен актерската. Уште на почетокот на својата актерска кариера, тој се вброи помеѓу најзабележителните актерски персоналитети, не само во својот матичен театарски колектив, туку и во поширокиот театарски простор. Со време стана еден од столбовите на својот матичен ансамбл, а може слободно да се каже и неодминлив, за она што е евидентен квалитет во Македонското актерско творештво. Практично ниту еден помаркантен сценски проект не можеше да се замисли без неговиот ангажман, секогаш оправдувајќи ја довербата на режисерите, критиката и секако на публиката. Актер со широк изразен дијапазон, со изразено чувство за силни уметнички трансформации, од фин лиризам, преку мек и органичен хумор, до мелодрамата и најдлабокиот трагизам. Настапувајќи од вечер до вечер “на штиците што живот значат”, одејќи во чекор со времето на сите развојни фази на современиот актерски израз кај нас, покажа дека кога се поседува несомнен талент, кога се сака театарската уметност од сè срце и со целата душа, може да се постигне многу во креативен поглед и да ја облагороди театарската сцена со актерски реализации кои слободно може да се квалификуваат како врвни.

Ангажирањето во Битолскиот Народен театар, веднаш по завршувањето на Факултетот за Драмски Уметности, значеше целосна афирмација на овој млад и полетен актер, чиј проблесок започна со настапот во пиесата “Елена Четковиќ”, во ликот на Вук. Во неа Борис Чоревски покажа дека неговите успешни настапи не се случајни, туку плод на една извонредна подготвеност и талент. За таа ролја, Борис Чоревски ја доби наградата за млад актер на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп, во 1975 година. Во соработка со еминентни режисерски имиња, Чоревски реализира низа на мошне возбудливи актерски креации, кои се одликуваа со еден високо изграден вкус, свежина и разнообразна линија на конципирање на ликот. Македонската драма претставува посебен вруток, од кој Чоревски црпи инспирација за своите ликови, толку различни, но сите подеднакво длабоко натопени во она што се вика наше битие. Еден од бисерите на ролјите од Македонската драматургија е ролјата Попот Трајко во “Црквичето 40 маченици” од В. Костов, во режија на Љупчо Ѓоргиевски. Драмскиот набој кулминира во сцената што ја предводи маестралниот Б. Чоревски. Неговиот Поп Трајко делува застрашувачки фуриозно, апокалиптично, предупредувачки, како чувар на библиското, изгубеното и никогаш ненајдено. Трансформацијата на Чоревски е максимална. Визуелната стилизација на ликот ја потврдува длабоката и духовна анализа како основа на оваа исклучителна креација на Чоревски. За таа креација Чоревски ја доби наградата за епизодна улога на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп 2001 година.

Својот инстинкт за откривање на суштината на трагичниот лик до перфекција што импонира, го покажа во маестралната креација на ликот на Таткото Полит во “Мачка на вжештениот лимен покрив” од Т. Вилијамс, во р. на Љупчо Ѓоргиевски. Прецизен, смирен, длабок во болката на судбината. За оваа креација тој е добитник на награда за најдобро актерско остварување на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп 1999 година. За истата улога ревијата “Екран” му ја додели наградата актер на годината. Таа година и Народниот Театар од Битола, традиционалната награда “14-ти Ноември” за успешна работа на театарската сцена исполнета со креативен набој на модерен актер и богат опус на драмски улоги му ја додели на актерот Борис Чоревски.

Во самиот врв на актерското мајсторство на улоги од антологиско значење секако е и ролјата на соседот во претставата “Обична приказна” од М. Ладо, р. Љ. Ѓоргиевски. Во неа доминира неговата зрелост и едноставност, шарм и дискретност, во разоткривањето на лирско-трагичната димензија. За оваа ролја во 2011 година станува лауреат и ја добива единствената награда на ФКТ “Ристо Шишков” во Струмица.

Со споменатата плодна и разновидна актерска активност не се исцрпува зрелото мајсторство и неговата актерска уметност. Тоа на блескав начин се искажува и во многу други медиуми како што се телевизијата, радиото и филмот. За неговата улога на Сулејман Бег во ТВ филмот “Трговецот од Солун” добитник е на наградата за најдобро филмско и ТВ остварување на ревијата “Екран” во 1985 година. Значајни се неговите улоги во ТВ сериите: “Девојките на Марко” и “Големи и мали” во режија на Д. Наумовски и во филмовите: “Најдолгиот пат” во р. Бранко Гапо, “Ангели на отпад” р. Д. Р. Османли, “Црвениот коњ” р. С. Попов, “Мајки” р. М. Манчевски.

Неговото исклучително место во актерската мапа, градот Битола го наградува со наградата “4-ти Ноември” во 1997 година. Додека за неговото долгогодишно творештво и блескава кариера, која го сврстува во еден од водечките актери во Македонија, добитник е на Актерската награда за животно дело “Петре Прличко” за 2011 година, што ја доделува општина Велес и Здружението на драмски уметници на Р. Македонија-“Џинот”.

И покрај пензионирањето на Чоревски, неговиот актерски ангажман не престанува тука, па така тој активно во последните 5 години го продолжува својот ангажман и твори со истата енергија како и во најдобрите актерски денови.

Борис Чоревски е актер со комплетна и комплексна персоналност, со широк распон и творечки дијапазон, со висока етичност и професионалност. Тој е драмски уметник со изграден и дефиниран творечки потенцијал, со студиозност во обликувањето на ликовите, за кого не постојат никакви тајни во актерската игра и кој е подеднакво супериорен во настапите, како во театарот, така и во телевизијата и во филмот.

Слични Објави