Чедо Христов
актер
Роден е во Струмица, 1938 година.
Иако завршува на отсекот за сликарство на Вишата педагошка школа, Чедо Христов се вработува како актер во Струмичкиот театар Антон Панов.
Таму останува од 1958 до 1964 год. кога преминува во Македонскиот народен театар во Скопје каде останува се до пензионирањето во 1996 год. Сепак, неговото образование не останува ниту залудно ниту попусто затоа што тој освен како актер паралелно се занимава и со сценографија на повеќе театарски сцени во Македонија што се разбира ќе биде и соодветно валоризирано токму на МТФ В.Чернодрински во Прилеп.
Уште на почетокот на неговата кариера, за време на ангажманот во Струмичкиот театар, Чедо Христов добива ласкави оценки од страна на театарската критика, а е со задоволство и со симпатии прифатен и од страна на публиката. Така, во театарските хроники останува забележано, меѓу другото, дека во претставата Љубовта е таква од Павел Кохут во 1963 год. во режија на Саша Маркус, од артистите се издвоиле оние што посебно успеале да ја трогнат публиката со трагедијата на Лида Матис се Чедо Христов… А е еден друг запис фрла поголема светлина на неговиот творечки хабитус. Имено, во истата година тој се јавува во својство на режисер, сценограф и толкувач на една од главните ролји во пиесата Три ангели. Во врска со ова претстава ќе остане забележано, дека… од носителите на главните ролји подобар впечаток оставиле Чедо Христов… Овде е важно да се согледа неговиот интерес за разни области на театарската уметност што и не е редок случај во светски рамки. И уште еден извод за неговиот ангажман во истата година, но овој пат во претставата Лето авторски проект на Бранко Ставрев: Во претставата посебно се истакнал Чедо Христов во ролјата на Безделникот. Тој со својот темперамент искусно и талентирано ја остварува ова навидум лена, но комплицирана улога. Во 1964 год. пред да премине во МНТ, Чедо Христов ја добива наградата од Здружението на драмски уметници за улогата на Ник во претставата Матуранти. Покрај веќе наведената сценографија на Три ангели, Христов во ова својство се јавува и за претставата Свет од Нушиќ во режија на Саша Маркус. А еве што за неговиот ангажман како сценограф во Матуранти ќе забележи критиката: … Ваквото филмско третирање на просторот и времето нашло ингениозна подлога во функционалната и духовито замислена сценографија на Чедо Христов.
Меѓу првите ролји во новата театарска средина (МНТ) Чедо Христов ќе ја има во претставата Коломба од Ануј заедно со Ристо Шишков. Во врска со овој негов ангажман критиката ќе забележи: Младиот Ч.Х. дебитант на Скопската сцена е вистинска ѕвезда. (Впрочем токму затоа и ја добил главната машка улога). Потем ќе следуваат бројни ролји кои ја исполнуваат неговата актерска биографија.
Покрај досега споменатите ролји и претстави во неговата селективна театрографија уште би ги набројале и оние во Црнила, Мајка, Електра, Јунона и паунот, Крал Лир, Деца на сонцето, Хелдерлин, Хеда Габлер, Кенгурски скок, Глоговиот џбун, Ревизор, Антица, Посета на старата дама, Галеб, Типот кој добива шлаканица…
Чедо Христов како актер останува запаметен и препознатлив по својот специфичен баршунаст глас, по вештината во психолошкото нијансирање на ликовите и по својот темперамент и енергичност која секогаш умешно ја контролира и употребува.
Во билансот на неговите награди преовладуваат оние кои тој ги добил за сценографија на МТФ Војдан Чернодрински во Прилеп. Тие му се доделени за сценографиите на Тутунски пат, Смртта на трговскиот патник, Големата награда, Адам и Ева и Јас Халиј Гарсија. Што се однесува до актерството, еднаш тој е добитник на наградата за млад актер и во два наврати ја добива наградата за најдобар актер на Здружението на драмските уметници на Македонија.