Ленче Делова
актерка
Актерка со можеби најспецифичен и најавтентичен сценски сензибилитет. На сцената на Драмскиот театар во Скопје, во тоа време Драмски младинско-детски театар, почнува да го живее својот актерски живот од 1964 година, кога има само 16 години. Токму затоа може да се каже, дека Делова навистина целата своја животна приказна ја конструира, ја гради и надградува преку приказните што театарот ги создава.
Нејзиниот веќе 42 годишен актерски влог ја инаугурираше како творец со изворен талент и со извонредно чувствување на жанровската сценска разноликост. Моќите на нејзиниот дијапазон и на нејзиното длабоко актерско проникнување во толкуваниот лик се огромни и со фасцинантни амплитудни граници. Она со што Делова најмногу ја обогати македонската актерска сцена, и што може да се вброи во своевидна актерска школа, се ненаметливиот, суптилен лирски и драмски ракопис како и специфичниот, буен третман на комичното и гротескното.
Од позначајните улоги ги одвојуваме: Пере (Дундо Марое, 1966); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996).
Во 1978 година ја добива наградата на град Скопје 13 Ноември, за улогата на Офелија во претставата Хамлет во 1978 година.