д-р Јелена Лужина
театролог, педагог
Театарот од секогаш функционирал во непосредна спрега меѓу директните создавачи на сцената и неговите верни поддржувачи од гледалиштето. Дека театарот не може да постои само како сценска изведба, не само поради краткотрајноста на претставата, туку и поради можноста целата таа сценска креативност да се втемелува на сериозни основи, покажува постоењето на неколку научни дисциплини што имаат за цел да го меморираат театарот во културната матрица на еден народ.
Театрологијата е една од науките која го следи театарот, го дефинира, промовира, внимава на неговото минато, ја актуелизира неговата сегашност и ја имплицира неговата иднина. Македонскиот театар својата театролошка наука ја иницира од страна на неколку одлични познавачи на театарот во годините на неговото создавање. Меѓутоа, создавањето на новиот театар, создавањето на модерниот пристап во театарот и поставувањето на координатите на светската театрологија, во нашата земја беа иницијатори за создавање на новата современа театролошка наука, за што е една од најзаслужните нашата овогодинешна добитничка на наградата, д-р Јелена Лужина, театролог и професорка на Факултетот за драмски уметности од Скопје.
Позната како втемелувач на сериозната современа македонска театролошка наука, професорката Јелена Лужина со својата долгодишна работа покажува и докажува како треба да се создава од другата страна на театарската сцена. Идејата дека театарот не може да постои сам по себе, оставен на креативноста на уметниците и практичарите што го создаваат, туку треба да се надгради со научната мисла и создавањето на едуцирани гледачи, перманентно ја реализира и практицира и на полето на театарската едукација и на полето на дефинирањето на основните научни методологии што се создаваат на ова тло. Имајќи ја привилегијата да ја промовира театролошката научна мисла, професорката Лужина е исклучителен пример на театролог кој работи за својот театар, театарот што треба да е посветен, професионален, сериозен и студиозен. Успешна и како научник и како педагог, таа помогна да се едуцираат голем број на театарски креативци и млади театролози, чија задача е да го чуваат, водат и креираат македонскиот театар.
Професорката д-р Јелена Лужина е родена на 26 мај 1950, во Дубровник, Хрватска. Дипломирала на Универзитетот во Загреб. Во Хрватска работела како менаџер во културни институции, драматург и наставник во високото образование. Од 1987, по сопствен избор, живее и работи во Македонија. Доаѓањето во Македонија, запознавањето одблизу со македонската култура и уметност, како и вонредната нејзина желба да се создаде нова научна театролошка мисла, овозможуваат да ги постави сериозните основи на театрологијата и да воведе нов начин на театролошка едукација кај нас. Посветена во работата, професионалец од оние најревносните, сите овие години покажува дека примарна љубов и е театарот и неговото зачувување и презентирање.
Редовна професорка е на Факултет за драмски уметности во Скопје, каде што го има втемелено Институтот за театрологија. Ја реализирала првата македонска дигитална театарска енциклопедија Театарот на почвата на Македонија (2003), за која заедно со тимот ја добива највисоката државна награда за наука Гоце Делчев, истата година. Го втемелила Музејот на МНТ, виртуелен/дигитален проект што треба да се развие во наредниве четири години.
Речиси педесет годни (од 1968) објавува театролошки, книжевно-теориски и есеистички текстови, пишувани на хрватски или на македонски јазик. Објавила петнаесетина авторски книги. Подготвила педесеттина зборници, антологии и монографии, печатени во Македонија и во странство. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН и на Друштвото на хрватските писатели. Добитничка е на повеќе македонски и хрватски книжевни, научни и преведувачки награди. Од позначајните награди треба да се спомене Наградата за критика и есеистика Димитар Митрев на Друштвото на писатели на Македонија (2011). Нејзината книга Марин Држиќ: Комедии и пасторали во 2009 година ја доби наградата Davidias, која Друштвото на хрватските писатели ја доделува за најдобар превод на хрватската книжевност објавен во странство.
Постојано работи на создавањето културолошка свесност за меморирањето на театарската традиција во Македонија.