Бедиа Беговска – актерка
Стапнувајќи во театарот уште во 1970 година, во тогаш авангардната драмската група „Орхан Вели“ во која режирал легендарниот Рахим Бурхан, каде бидува забележана од страна на своите професионални колеги, на чиј наговор, се пријавува на аудицијата, која успешно ја поминува, веќе следната 1971 година, започнува со својот професионален ангажман во тогашниот Театар на Народностите, денешен Турски Театар.
Во текот на изминативе 50 сезони, настапувања на својата матична сцена со повремени гостувања во продукциите на другите театри (станува збор за актерка кадарна суверено да игра според потребите на проектот – и на други јазици), Бедиа Беговска има одиграно безмалку стотина ролји. Повеќето од нив се главни, насловни или протагонистички.
Поинтересни и поиндикативни од статистичките, за актерската кариера на Беговска бездруго се информациите за категориите / квалитетите на ролјите што таа ги има одиграно. Веќе првиот поглед врз нејзината театрографија укажува на исклучително широкиот распон на тие ролји.
Од нив треба посебно да се издвојат: Коштана (од Б.Станковиќ); Јерма (Ф.Г.Лорка); Хасанагиница (Љ.Симовиќ); Федра (Ж.Расин); Бернарда Алба (Ф.Г.Лорка); Мајка Храброст (Б.Брехт); Груша („Кавкаскиот круг со креда“ – Б.Брехт); Соња („Злосторство и казна“ – Ф.М.Достоевски); Олга („Моралист“ – М.Мицев); Кралицата Гретруда („Кралот Хамлет“ – В.Шекспир); Агава („Баханалии“ – Еврипид / Горан Стефановски); Соланж („Слугинки“ – Ж.Жене ); Јокаста („Цар Едип“ – Софокле); Ќосем Султана („Лудиот Ибрахим“ – Т.Офлазоглу), Просперо („Бура“ – В. Шекспир); Кетлин Келер („Сите мои синови“ – Артур Милер); Љубов Андреевна („Вишновата градина“ – А.П.Чехов); Флоренс Фостер Џенкинс (Н.Мартин) итн, итн …
Освен бавењето со актерство, пишувањето пиеси за деца е една од големите љубови на Бедиа Беговска. Таа не е ни најмалку случајна, ни од краток здив. Таа доаѓа да укаже на сестраноста на нејзиниот талент и буен темперамент. Потврда за тоа се најзините неколку драми за деца кои биле изведувани на матичната сцена, а некои и во странство. Тоа се драмите за деца: „Малите – големи љубови“, „Будење“, „Мојот свет“, „Орхан“ …
Бедиа Беговска има свој придонес и била на висината на својата задача во повеќе филмови, серии, рецитали, поетски читања, а особено треба да се потенцира нејзиниот долгогодишен настап на манифестацијата „Глумците пеат“ каде што секогаш беше една од најмаркантните изведувачи, со несомнени гласовни можности, чии интерпретации сеуште се паметат.
Таа е добитничка на повеќе награди од кои најзначајни се: „11 Октомври“; „Златен ловоров венец“ на МЕСС; „13 Ноември“; Орден на трудот со сребрен венец; „Млад борец“; Актер на годината … итн …
Макар што формално му припаѓа на ансамблот на денешниот Турски театар во Скопје, макар што – најголемиот дел од својот маркантен опус го има остварено на турски јазик, Бедиа Беговска несомнено и припаѓа на интригантната целина на специфичниот – мултикултурален – македонски театарски простор. Играјќи долго и мошне предано, истражувајќи ги своите актерски можности храбро и (многупати) ризично, готова да соработува / експериментира дури и со најрадикалните режисери, Беговска се изборила за статус на една од најреспектираните и најоригинални ѕвезди на современото македонско глумиште.