Петре Арсовски

актер

Петре Арсовски е роден 12 јуни 1945 во Мокрени. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности – Скопје во класата на проф. Илија Милчин.

КАПИТАЛЕН АКТЕРСКИ ФОРМАТ

Петре Арсовски е актер без кој е апослутно незамисливо да се зборува за македонскиот современ театар. Од оние е таканаречени капиталци на театарската сцена без кои, во претставите во кои играл и особено на неговата матична сцена Македонскиот народен театар, тешко е да се замисли како би функционирале без неговата дарба, работливост, посветеност, умеење да се фати во костец со секој доверен нов лик.

Така е полни пет децении кои се навршуваат токму оваа година откако го одиграл својот прв лик на сцената. Дебитирал во Венецијански трговец како Првиот полицаец во 1968 година, сега пак на сцената на МНТ, игра во Разговори во четири очи, ликот на Чичко Јакоб, и го подготвува ликот на Петар Николајевич Сорин во Галеб на А.П. Чехов, претстава со која МНТ ќе ги одбележи 50 години на Арсовски на оваа сцена.

Ако секоја претстава од големото здание на македонската сценска уметност, (најмногу на сцената на МНТ – 52 лика и уште 15 во други продукции, се замисли како една тула, тогаш актерската дејност на Арсовски е од капитална вредност за севкупната театарска уметност во Македонија. Во меморијата на театарот тој е мајстор кој на секоја од тие изведби/ликови им се дал целиот. Одиграл и ликови во 77 филмови или ТВ драми и серии.

Тој опус го определува значењето/важноста во однос на целата градба, но ја чува и меморијата за актерот/мајстор кој својата тула ја положил во целината на градбата. Одмерен, посветен на секој лик, на секоја изведба/лик во новата претстава, или што веќе е/била на репертоарот, сосем е јасно дека Петре Арсовски е капитален театарски формат на македонската култура – театарот, и важен и активен чинител во меѓународните театарски интеркултурни (особено балкански) вкрстувања, со оглед на тоа дека активно учествувал и во соработката, презентацијата и афирмацијата на македонскиот театар и филм со гостувањата/снимањата во други културни средини.

За Петре Арсовски може да се констатира дека не само што тој е алгоритам во/за растежот на македонското глумиште, а неговиот актерски растеж е алгоритам на неговата актерска актива: лик кој се памети, на кој му се радуваат и партнерите на сцената и режисерите во чии претстави играл/игра. Актерскиот „апетит“ му е постојан и влијае на естетскиот растеж/напредок и на младата или најмладата актерска генерација и на театарска публика.

Конечно, мислам дека низ неговата актерска евалуација, македонската театарска сцена во последниве педесет години, преку играта и умеењето на Петре Арсовски да се фати во костец со секој лик, без разлика дали е голем или мал (има само добри и лоши ликови/претстави), докажува дека тој е актер од „крв и месо“ кој тоа го покажува/докажува во скриптот на претставата.

Лилјана Мазова,
театарска критичарка и публициста

Слични Објави