Благој Чоревски

актер

Актер со интересна инвентивност, чија игра се базира на односот кон сцената како личен и интимен простор за делување, Благој Чоревски е еден од ретките професионаци на нашите сцени. Без разлика дали создава театар, телевизиска серија, радио настап, успева да се претстави како исклучителен актер полн со автентична креативност и моќ за создавање комплетно различни ролји.

Роден е на 9 септември 1947 година, во Велес, во семејство на двајца актери – таткото Трајко Чоревски, (еден од основоположниците на Македонскиот народен театар и еден од најзначајните актери на театарот во Македонија воопшто) и мајката Ратка Чоревска, актерка, која сета своја кариера ја поминала на сцената на Народниот театар од Битола. Актерската професија во нивното семејство е поврзана и со неговиот брат, познатиот актер на Народниот театар од Битола – Борис Чоревски. Уште од основното училиште, во Битола, имајќи го театарот за сопствен дом, тој учествува во претставите на Народниот театар. Театролошките факти потврдуваат дека на театарската сцена дебитира на свои шест години, во култната претстава Македонска крвава свадба од Војдан Чернодрински, во режија на Мирко Стефановски, во која таа 1953 година неговиот татко ја игра доминантната ролја на Осман бег, а малиот Благој е едно од трите деца на Богдан. Театрографијата презентира дека и додека го продолжува своето основно и средно образование во Битола, постојано игра, создавајќи редица значајни епизодни улоги. Факултетското образование го завршува на Театарската академија во Софија, во 1971 година. Набрзо по дипломирањето се вработува во Драмскиот театар – Скопје. На неговата матична сцена, сега како професионален актер, дебитира во улогата на Умер бег во вонредната поетска драма Болен Дојчин од Георги Сталев, во режија на Димитар Станкоски. Вешт во сопственото мајсторство, непретенциозен, но крајно посветен, тој е еден од актерите на Драмскиот театар кој ја дефинираше естетиката на театарот, маркирајќи го како еден од најзначајните во тогашните југословенски простори. Истовремено и промовирајќи го матичниот театар во една од најуспешните театарски институции во Република Македонија. Неговата актерска специфика ја препознаваа и препознаваат телевизиските и филмските режисери. Театарската публика го памети по ликовите на Дарко од претставата Свадба ОД Васил Иљоски во режија на Димитрие Османли (1972), Камиј Шандебиз во прославената Болва во уво од Жорж Фејдо, во режија на Османли (1974), Хлестаков во Ревизор од Гогољ, во режија на Димитар Станкоски (1978), прочуената и до денес меморираната ролја во културната и театарска историја на Стефан во култната Диво месо од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски (1979), Благоја во Сили во воздухот од Небојша Ромчевиќ, во режија на Јовица Павиќ (1988), и уште многу други, од кои со некои и денес е активен на репертоарот на театрите и за кои е наградуван постојано. Во неговата поетика се препознава идејата за актерот како забавувач, едноставен во пристапот, флексибилен, шармантен и непосреден. Доказ, на некаков начин, или симболичен печат на неговата мултидисциплинарна актерска кариера може да се смета улогата на Трагичарот во телевизискиот серијал Комедијанти, снимен по сеќавањата на Петре Прличко, за неговиот патувачки актерски период, во режија на Душан Наумовски. Освен како актер, познат е и активното учество во театарската организација, но и активната политичка функција што ја води низ годините. Цели петнаесет години бил успешен директор на Драмскиот театар од Скопје (1983-1998), бил и заменик Министер за култура на Република Македонија (1998-2000), како и Претседател на Собранието на град Скопје (2005-2008).

Успешен во скоро сите дејности, а најуспешен како актер, постојано е наградуван, ценет и од публиката и од критиката и од стручната јавност. Во 1972 година, весникот „Млад борец“ му доделува награда за млад актер за улогата на Дарко во претставата Свадба; четири години подоцна ја добива водечката награда „Златен ловоров венец“ на престижниот фестивал МЕС во Сараево, за улогата на Навахита Велос во претставата Достага на самиот врв на највисоката власт; Наградата познатиот фестивал „Стеријино позорје“ од Нови Сад за најдобро актерско остварување, ја добива во 1980 година за улогата на Стефан во претставата Диво месо; истата година и за истата улога е лауреат на највисокото општествено признание, наградата 11 Октомври за особено значајни остварувања во областа на уметноста од интереси за Република Македонија. Според анкетата на списанието Екран ја добива наградата за најдобро актерско остварување на филм и телевизија Милтон Манаки, во 1984 година. Истата година е избран за најпопуларно лице според весникот Вечер. 1989 година ја добива наградата за најдобра епизодна улога од списанието Вечерње новости на Фестивалот Стериино позорје од Нови Сад, за улогата на Благоја во претставата Сили во воздухот. На нашиот фестивал во 1992 година ја добива Наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Агатон во претставата Нажалена фамилија, а во 1996 година за улогата на Трајче во претставата Ни ќар ни зијан. На Меѓународниот фестивал во Тернопол, Украина „Тарас Шевченко“, ја добива наградата за најдобар актерски пар, заедно со колешката Катерина Коцевска за претставата Брачна игра во 2003 година. Следната година ја добива државната награда „Климент Охридски“ за особено значајни остварувања во културата и уметноста од интерес на Република Македонија. На фестивалот Охридско лето, во 2007 година, ја добива Наградата за најдобро актерско остварување „Златна маска“ за улогата на Тевје во претстават Свирач на покрив (Народен театар – Битола). Во 2009 година ја добива Наградата за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Здружението на драмски уметници, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес и општина Велес.

Слични Објави