Димитар Костов
актер
Роден е на 2 јули 1936 во Босилеград, Југославија, артист на Драмата на МНТ. Со артистичка дејност почнал да се занимава во 1959 година. Првите чекори ги направил на сцената на Народниот театар во Штип, каде што бил во редовен работен однос четири години. Веднаш по неговото доаѓање од Штип во Скопје, кратко време работел во Младинско-детскиот театар, каде што настапил во неколку улоги. Позначајна му е улогата во „Автобиографија“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Александар Гловацки.
Насловната улога ја подготвил за неверојатно кратко време и успешно ја совладал со мошне лежерна, но и динамична игра, која ги засмевала граѓаните на Скопје, во тоа време сместени низ повеќе кампови низ градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тогашниот критичар на претставата забележал дека тоа била првата спонтана смеа на скопјани по природната катастрофа.
Костов две години работел и во Народниот театар од Куманово. Во кумановската претстава на „Венчалница“ од Ефрем Кишон, во режија на Ацо Ѓорчев, ја толкувал улогата на Буки, со која станал прв добитник на наградата за млад артист на Првите театарски игри „Војдан Чернодрински“ во 1965 година. Следната година, повторно со Кумановскиот театар и повторно во режија на Ацо Ѓорчев, за улогата на Франц во претставата „Заточениците од Алтона“ од Сартр, вторпат е носител на награда. Во образложението за нагарадата, меѓу другото, пишува дека наградата му се доделува за „полетното и вдахновено интерпретирање на улогата на Франц“. Третпат е награден за улога во Штипскиот театар, кога градот Штип му ја доделил Наградата „8 Октомври“ за особени заслуги.
Костов во Драмата на МНТ работи од 1966 година сe до пензионирањето, на 30.09.1999 година. Тој со својот пријатен сонорен глас, убава појава, со актерска игра проткаена со фин лиризам, на секој настап, во секоја улога исполнета со шарм и занес, заземаше видно место на повеќе сцени низ македонските театри. Костов поседува јасна артикулација, колку звучен толку и крепок гласовен орган, добро и рамномерно оптегнати гласни жици. Дикцијата му е чиста, исправна, логична, сразмерна и хармонична. Нашата сцена често е заматена со нечисти изговори и со лоши акценти, заразена со рецитирање, секогаш страдна за чист говор. Цврсто изговорената реченица, како извајана со длето во камен, беше неговата предност и му донесе завидно место на сцената.
Во рамките на МНТ настапувал во повеќе улоги, и тоа: Двојникот на иследникот („Вител“), Григориј Незнанов („Без вина виновни“), Рошко Подгорски („Чекор до есента“), Костадин („Печалбари“), Вершенин („Три сестри“), Басанио („Венецијанскиот трговец“), Илија („Под пирамидата“), Грофот Кент („Крал Лир“), Чеда („Госпоѓа министерка“), Арсо („Чорбаџи Теодос“), Кочкарјов („Женидба“ и асистент на режисерот), Градоначалникот („Ревизор“), Осман-бег („Македонска крвава свадба“), а има завидни улоги во некои антологиски претстави како „Среќна нова 1949“ (Диле Јограчов), „Глембаеви“ (Зилбебрант), „Македонски состојби“ (Јосип Кецман), „Бунтот во домот на страци“ (Касапот), „Буре барут“ и други.
Покрај со актерство, Костов се занимавал и со режисерска дејност во аматерските театри. Го негувал и рецитирањето, а настапил и во повеќе радиодрами за деца и за возрасни, како и во некои ТВ драми, серии и друго.