Мите Грозданов
актер
Роден е во Струмица, 1943 година.
Почетокот на една актерска кариера по правило е исполнет со соништа и мечти за успех; младоста го прави своето па човек мисли дека сиот свет е негов или би можел да биде.
Ретко, тоа и успева. Мите Грозданов веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград на отсекот за глума во 1967 год. Веднаш се вработува во Драмскиот театар кој ќе остане негова матична сцена се до пензионирањето во 2008 година. (Се разбира, тука не се смета една недела проведена во Струмичкиот театар каде што впрочем како аматер тој и ја почнува својата театарска дејност.) Случајот сакаше така што токму нему му се посреќи на самиот почеток да се вивне во уметничките височини закитувајќи се со Златниот ловоров венец на престижниот саревски фестивал МЕСС за насловната улога во Партитурата за еден Митрон. Помеѓу оваа претстава и Историската хроника, монодрама која тој ја одигра по повод официјалното заминување во пензија се врамени уште многу улоги, награди, монодрами, но и поетски збирки, приватниот театар Македонија, а на крајот секако не без значајно за неговата кариера и творечко кредо тука се подразбира и неговата боемштина која лично ја смета за составен дел на деликатната и тешка професија на актер. Мозаикот на неговите ангажмани уште подразбира и стотици радиодрами, режии (во професионални и аматерски ансамбли), настапи на телевизиски драми и серии, како и неколку филмски улоги. Во сите овие форми на театарското изразување до израз доаѓа неговата нескротлива енергија, неисцрпна и фасцинантна концентрација, моќ за трансформација. Она што е особено важно Мите Грозданов секој ангажман, во било која форма на театарскиот израз да биде тој, секогаш го сметал за сопствено надградување и го користел за сопствено усовршување. Лично сметам дека токму затоа неговиот усет и префинетост во кажувањето на стихови (интерпретација) после десетина монодрами од кои речиси половината се во стихови, како да кулминира во неговата проштална претстава Историската хроника. За разлика од сите негови претходни остварувања тука она што го интерпретира веќе зрачи со искуство, со патина во неговиот лик, глас, движење. Пред нас се појавува стамен и зрел актер за кого речиси веќе нема тајни на сцената. Тој е суверен, но не и самоуверен, барем не докрај за да не го обземе рутината која знае да резултира во обратен ефект.
За монодрамата по стихови на Ацо Шопов Дрво на ридот тој станува добитник на Сребрената медалја на фестивалот на монодрама и пантомима во Земун. Неговата креативност и посебност доаѓа до израз и во Задржливиот подем на Артуро Уи од Брехт. Тоа е повторно насловна и волуминозна ролја и остварување кое го сврстува во самиот врв на македонското глумиште. Неизбежно е да се спомене и неговата инстант спремена ролја кога за само два дена ќе ја подготви и ќе брилјира во улогата на Луков во Црнила од Коле Чашуле, а реперна за неговата кариера се и ролјите остварени на сцената на Струмичкиот театар во драмската трилогија на М.Маџунков. Имено токму за улогата на Иљо М. во Сенката; за ова. Како и за улогата на Светозар во Карамазови тој два пати ја добива наградата за најдобро актерско остварување на МТФ В.Чернодрински во Прилеп. Од неговите награди да ги споменеме и оние на весникот односно ревијата Млад борец и Екран. Но, иако досега неколку пати е номиниран и предложен за наградите 13 Ноември и 11 Октомври останува само надежта дека тоа допрва ќе се случи, ако се има во предвид неговиот габаритен творечки опус кој несомнено го легитимира како сериозен драмски уметник кој несомнено има уште многу да каже и да придонесе, особено ако има можност да ги реализира ролјите за кои одамна сонува (Крал Лир, Алберт Ајнштајн, Чорбаџи Теодос)…
Покрај веќе наведените претстави во неговата селективна театрографија секако место ќе најдат и Јане Задрогаз, Болва в уво, Солунски патрдии, Рибарски караници, Мајка, Грдиот Нарцис, Војцек, Тигар, Подбивна среќо моја, Зојкиниот стан, Татко, Собирен центар, Самоубиец, Од првиот здив, Вазна од порцелан…