Митко Маџунков

писател

Роден е во Струмица, 19 март 1943 година.

Со гимназиско образование се стекнал во Струмица, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на отсекот за светска книжевност со теорија на книжевноста. Работниот век главно го поминал во Библиотеката на град Белград. Некои книги првично му се објавени на српски јазик.

Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија, меѓу кои се и следниве: „Исидора Секулиќ“, „Рациново признание“, „Војдан Чернодрински“ за најдобар текст (двапати), награда за роман на годината (двапати), награда за книга на годината (двапати), „Годишна награда на град Струмица“, државната награда „11 Октомври“ и други.

Вечерва ја добива наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Овој фестивал ќе го памети Митко Маџунков по трилогијата „Вечна игра“, која е сочинета од пиесите „Големиот смок“, „Сенката“ и „Пуста земја“, изведени во Прилеп во 1986, 1988 и 1989 година. Две од овие пиеси се носители на наградата „Војдан Чернодрински“ за најдобар текст.

Освен што зазема врвно место во литературата со своите раскази, романи и есеи, Маџунков припаѓа и на театарот, а за тоа сведочат и неговите пиеси „Пат за Лихнидос“ и „Чудо големо“, со праизведби на сцената којашто е, како што вели самиот, блиска до неговите детски игри и која е за него матична во буквална смисла на зборот, а тоа е театарот „Антон Панов“ во Струмица. Пиесата „Мелница“ е прикажана на сцената на Македонскиот Народен Театар, а „Портата на Леден“ веројатно ќе ја отвори новата сцена во неговата родна Струмица.

Во печатената верзија на „Вечната игра“, во еден брилијантен есеј што му го посветува на театарот, академик Маџунков ќе напише: „И ако некој се чуди од каде во моите драми толкава склоност кон епското и алегориското – инаку несвојствено за значителен дел од моето творештво – одговорот треба да го бара токму тука, во обидот да се создаде нов национален театар врз темелите на античката и старата европска традиција, збогатен со нови, препознатливи значења, традиција во којашто зборот и неговата мелодија и јасниот однос кон митологизираната стварност, и паганска и христијанска, треба да дадат одговор на важните животни прашања“.

Значајни домашни и европски познавачи на литературата ќе напишат дека со Маџунков, ние сме во одминатиот и незбиднатиот свет, во татковините кои нѐ бараат нас, а не ние нив, во сите солуции во кои личноста оживува од историјата, од естетиката, од стварноста или илузијата.

Маџунков владее со јазикот и нарацијата, користи префинета стилистика, прецизна дескрипција и култивирана, на моменти брилијантно орнаментирана синтакса. Ширејќи ја сферата на стварноста до бесконечност и истовремено ширејќи ја сферата на фантастичното до крајните граници на стварноста, Митко Маџунков создаде дела со антологиска вредност.

Слично како неколкумина еминентни светски писатели, Маџунков го доживува светот како сплет на некохерентни случувања, како лавиринти кои не признаваат површински каузалности и последичности, како разбиена целина која се растурила во безброј нееднакви делови, како одблесоци од распаднат универзум кои најпрво треба да се пронајдат, па со поместување и пресвртување да им се одреди и протолкува местото. Таков однос кон инспирациите, таков став кон неисцрпното богатство на психолошките состојби и таква надмоќ над среќно воочените односи може да си дозволи само писател со вистинска доверба во својата надареност и во своето книжевно образование.

Во „Пригодна арс поетика“ од книгата „Дрвото на Нарајана“, Маџунков ќе ни каже дека неговото дело е исткаено од повеќе тематски целини кои меѓусебно се преплетуваат: едната е семејниот круг, втората е метафизиката на соништата, третата е алхемијата на зборовите, четвртата – малограѓанскиот свет, петтата е урбанизираното општество, шестата е војната, седмата е љубовта, осмата е арс-поетиката, а деветтата – смртта. Сите тие целини имаат свои делти составени од повеќе ракави – мотиви, а ним им одговараат исто така разгранети обработки или сижеа кои бараат соодветен стил; и ако оние кохезиски сили кои ги поврзуваат сите мотиви се доволно јаки, останува само да се надеваме дека во него има доволно енергија која еден ден ќе не врати во заедничкото средиште, во новиот почеток или во „родителскиот имот“.

Митко Маџунков со своето исклучително дело плови со радарска точност низ столетијата и епохите, откривајќи ја историската егзистенција на овој народ и осмислувајќи ги сите оние судбински нешта што ја прават оваа земја таква каква што е, кревајќи ја од приземноста кон небесата, од ништожноста кон ѕвездите.

Покрај драмските дела, Митко Маџунков е автор и на збирките раскази „Чудна средба“, „Убиј го зборливото куче“, „Меѓата на светот“, „Парадоксален сон“, „Дрвото на Нарајана“, „Даровите на небото“, „Грабнувањето на Европа“, „Астрагали“, на романите „Кула на ридот“, „Кон другата земја“, „Домот на Александар“, „Времето на ирвасите“, „Птиците од ланските гнезда“, како и на збирките есеи „Штркот единак и неговото јато“, „Чехов или тајната на раскажувањето“ и „Родното место на литературата“.

Чудесно совпаѓање е тоа што во годината кога македонскиот театар достојно му се оддолжува на големиот писател, издавачката куќа „Три“ го заокружува проектот „Избрани дела“ од Митко Маџунков во десет тома, со печатењето на неговите седум драми, во кои младите театарски ентузијасти и почитуваната македонска публика ќе го препознаат и сопственото време.

Та нели театарот е миг, но играта е вечна…

Слични Објави