Трајче Иваноски

актер

Во Народниот театар во Прилеп работи од 1965 година. Во својата досегашна кариера оставил длабоки траги со својот ангажман (редовен и впечатлив) играјќи ролји со предзнакот главни, стожерни…

Настапувал во дела од домашната драмска продукција, но и од светската класика и современата драматургија.

Во неговата селективна театрографија секако не би можеле да изостанат ролјите како што се, на пример, Протасов во Деца на сонцето, Креонт во Антигона, Агатон во Нажалена фамилија, Аџи Трајко во Бегалка, Горчин во Скок преку кожа… Во овој ред на нештата спаѓаат и неговите ролји во комедиите на Миле Попоски и во низа водвилји (особено во оние од Реј Куни), а во своето зрело доба остварува забележителен настап во улогата на Киро во Полковникот птица од Христо Бојчев, а настапувал и во претстави за деца. За својата ролја во претставата Собирен центар од Д.Ковачевиќ ја освојува наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на комедијата во Корча, Република Албанија. Во зенитот на својата актерска кариера особено успешна ролја остварува во дуо-драмата на Ги Фоази Залив во режија на Коле Ангеловски. Тоа е ангажман со тестаментално значење и тежина низ кој до израз доаѓаат специфките на неговиот актерски хабитус. Трајче Иваноски е актер со специфичен сензибилитет кој подразбира воздржаност и суптилно ослушнување на барањата на ликовите кои по правило се карактери со истенчени односи и чувства. Иваноски подеднакво успешно настапува и како комичар, но и во ролји со драмска профилација. Во неговата креација речиси секогаш се пројавува неизбежната луцидност, запрашаност и зачуденост кои на крај резултираат во убави актерски остварувања кои не ја оставаат публиката рамнодушна. Посебно притоа, треба да се истакне неговиот рационален приод во градењето на ликовите без оглед за кој жанр станува збор. Освен на својата матична сцена настапувал и во Драмскиот театар од Скопје и во Битолскиот театар. Неизбежен дел од неговиот актерски опус се и ролјите во други медиум особено во ТВ драми, серии, како и во Радио драми. Во неговата биографија останува забележано дека е еден од основачите на еколошкиот детски театар (1995). Добитник е на поголем број награди и признанија.

Слични Објави