За фестивалот: Венко Андоновски
Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.
ПРИЛЕП Е НАШ ДУБРОВНИК, ГРАД-ТЕАТАР
Најпрвин, нека ни е честит јубилејот на најмистичното нешто на светот – театарот, таа кутија во која е компримиран целиот свет. Театарот, чист ерос на понирањето: мал свет скриен во големиот, негова слика. Како на грбовите во хералдиката: нацртан е војник со штит, а на штитот на војникот е нацртан повторно војник со штит, а на штитот на тој втор војник е повторно нацртан војник со штит. Опијатно тонење до бесконечност во нови театарски, илузионистички светови, вистинити во една повисока смисла на зборот од онаа во која е вистинита стварноста.
За мене „Војдан Чернодрински“ е такво еротично тонење. Асоцира на уметнички адреналин, треперење на рацете од трема во мигот на соопштување на наградите. И многу дружења со легендите на македонскиот театар: писатели, режисери, артисти. Во театарот влегов релативно доцна, со 34 години, како веќе остварен прозен писател. Познато е дека прозните писатели тешко стануваат добри драмски писатели и дека во театарот ги прифаќаат како еден вид „производ со употреблив фелер“ – имаат повеќе дескриптив одошто мимезис, или повеќе зборови одошто треба, просто речено. И затоа, не можат без добар режисер. Затоа, за мене „Чернодрински“ беше тест – ме бидува ли и за драма, или да си останам на роман и расказ? Им благодарам на сите мои другари од театарот што ме бодреа и храбреа – да продолжам. А пред сè, на Прилеп и на прилепската софистицирана и критички строга публика, која за среќа, го потврдуваше она што и скопската публика го кажуваше – дека не сум за фрлање. Прилеп е наш Дубровник – град театар, и нека биде така, и њиње и присно и во вјекивјеков.
