За фестивалот: Љупчо Ѓорѓиевски
МТФ „Војдан Чернодрински“ за мене отсекогаш претставувал посебна радост, пред сè, заради интензивното театарско живеење за време на фестивалот. Тој е еден вруток и неисцрпна инспирација за театарските творци. Тој е зеница на македонскиот театарски живот во која се вкрстуваат најрелевантните театарски творби, зеница која 60 години будно ја следи и обликува нашата театарската мисла и естетика, зеница чиј поглед 60 години го следи патот и развојот на македонската драма и театар. Јас ја имав таа чест и среќа како режисер повеќепати да бидам дел од овој фестивал и како учесник и како лауреат.
Но, би сакал да истакнам едно посебно задоволство, а тоа е фактот дека од шест награди што сум ги добил за режија, пет се за претстави од македонски автори, од пет
награди за претстава во целина, четири се од македонски автори, меѓу кои легендарната „Македонска крвава свадба“ на патронот на овој фестивал. Од трите мои награди за современа драматизација, две се исто така од македонски автори. Тоа значи дека со сигурност овој фестивал, како епицентар на македонската драма и театар, извршил огромно влијание и во голема мера го обликувал развојниот пат на мојот театарски живот.
Благодарам за тоа, нека ни е честит 60-годишниот јубилеј на фестивалот и да ни живее уште долго, долго.
