57. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

57. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Од 9 до 16 јуни 2023 г.

Враќање дома

Овогодишниот фестивал ќе се случува од 9 до 16 јуни 2023 година во Прилеп. Освен на сцените во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе се отворат неколку Фестивалски зони на неколку места низ градот.

Програмата е насловена „Враќање дома“, со цел Фестивалот и симболично и практично да ги врати дома сите театарски уметници, а градот Прилеп да биде вистински град домаќин.

Презентација на програмата на 57 МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Тргнувајќи од едукативните работилници за најмладата публика, видеопрезентациите на четири големи темати: За театарскиот уметник Војдан Чернодрински, За Фестивалот „Војдан Чернодрински“, за застапените уметности во театарската уметност и за драмските автори, месечниот прилог посветен на Фестивалот, и повеќе разнородни активности поврзани со зададени теми што се презентираат секој 27. во месецот. Фестивалот за прв пат оваа година воведува и Автор во фокус – Коле Чашуле, со чија драма „Вејка на ветрот“, премиерно праизведена во Прилеп (1957) почнува модерната македонска драматургија. Во соработка со Градската библиотека ќе се отвори Роднокрајната збирка и ќе се презентираат авторите од Прилеп и нивното влијание врз современиот македонски театар. Фестивалот има цел да биде база/мрежа на современата театарска практика, да го стимулира, да го поттикнува, да го развива и да го унапредува театарот во Македонија.  Уметничкиот директор ќе направи селекција во три категории плус една неселектирана програма.

Фестивалот е замислен како активен, секојдневен, креативен процес со утринска програма „Чернодрински за деца“, Разговори на тркалезна маса, Промоции на театарска и театролошка литература, Попладневно матине со поткасти (интервјуа, разговори, предавања), Работилница со актерите и вечерните претстави. Идејата на уметничкиот директор е Фестивалот да биде перманентно активен и сите гости да бидат гости на Фестивалот во тие 8 дена. На тој начин, театарските уметници ќе имаат прилика да се дружат, да создаваат нови врски, да разменуваат искуства и да се придонесе за уште подобра театарска практика. 

Фестивалот е конципиран како „зелен(еко)“ фестивал кој има цел да ја освести општственоодговорната позиција во овој временски период и да биде актуелен и во поширок контекст. На фестивалот се замислени неколку изложби и за прв пат се воведува Аудиособа, во која ќе може да се слушаат примероци од музиката на театарските претстави.  

Фестивалот ќе ги постави актерите од Прилепскиот театар за домаќини на Фестивалот, ќе ангажира и волонтери со цел – градот да стане еден комплексен, креативен, театарски универзум.

Слични Објави