Шеесет години театарска меморија: „Војдан Чернодрински“ како културен темел и жив организам
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е најстарата континуирана театарска манифестација во земјата, но и многу повеќе од тоа: тој е редок пример на културно случување што истовремено функционира како архив, огледало и лабораторија на македонскиот современ театар. Одбележувањето на шеесетгодишниот јубилеј не е само повод за свечено навраќање кон минатото, туку и причина за повторно промислување на улогата и значењето на фестивалот за македонската култура и општество.
Идеја, која од ентузијастички, речиси романтичен проект во 1965 година, прерасна во сложен фестивалски организам што и денес опстојува во променети општествени, естетски и институционални услови. Основачката идеја не се темели на култот кон поединец, туку на колективна визија: создавање простор каде што македонската драма, актерска уметност и режисерска мисла ќе се сретнат, ќе се споредат, ќе се развиваат, и секако, наградуваат. Токму таа колективност и професионален ентузијазам од првите години го поставуваат темелот на долгиот континуитет и угледот што фестивалот го задржува до денес.
Фестивалот е основан во 1965 година под името Средба на професионалните театри на СР Македонија, по иницијатива на Здружението на драмските уметници. Овој факт е суштински за неговото разбирање: МТФ „Војдан Чернодрински“ не произлегува од директивна културна политика, туку од внатрешна потреба на самата театарска заедница да воспостави национален форум за размена, вреднување и дијалог. Одлуката фестивалот да се одржува во Прилеп, град надвор од институционалниот центар Скопје, ја носи јасната симболика за децентрализација и доверба во локалната театарска традиција и во исклучително свесната и чувствителна прилепска публика.
На 4 јуни 1965 година, точно во 19:30 часот, старото прилепско кино на Ѓоре Напе се претвора во театарски епицентар на Македонија. Со свеченото отворање на Првата средба на професионалните театри од СР Македонија „Војдан Чернодрински“ започнува фестивалска историја која трае веќе шест децении. Иако тогашните два присутни медиума известуваат скромно, сведоштвата говорат за преполната сала, односно за 226-те седишта за кои се чекало уште од пладне.
Централна фигура во основачкиот период е актерот, режисер, педагог и визионер Илија Милчин, чие разбирање и свесност за потребата од национален театарски форум ја одредува програмската и идејна матрица на фестивалот. Неговата улога е неразделна од ангажманот на Михајло Михајлоски, тогашен директор на Народниот театар во Прилеп, како и од колективниот напор на прилепскиот ансамбл, кој во првите години го носи фестивалот со исклучителен организациски, човечки и, според мошне живите приказни, забавен ентузијазам.
Управните и организациските тела на фестивалот никогаш не функционирале како формални административни структури, туку како места на активна дебата, судир на естетики и преземање заедничка одговорност. Во нивната работа се впишува односот на секоја генерација театарски дејци кон уметноста, институциите и времето во кое создаваат.
Кирил Бисеркоски, претседател на Општинското собрание Прилеп, бил покровител на Средбата, а преостанати членови на првиот одбор биле: Бранко Илиески, Кирил Стефановски, Кирил Гешоски, Миле Пешталески, Ѓоре Напески, Бошко Бабиќ (членови на почесниот одбор), како и Михајло Михајловски, Благоја Дамески, Аце Ристески, Методија Петкоски, Рампо Конески, Живка Лабетиќ и Благоја Алексоски (организациски одбор).
Во првите организациски одбори на фестивалот се оформува јадрото што ќе го одреди неговиот ран идентитет и институционална стабилност. Континуирано и клучно присуство имаат Кирил Стефаноски,кој повеќе години ја извршува функцијата претседател на Одборот за организација, и Михајло Михајловски, директор на Народниот театар – Прилеп и долгогодишен секретар, како една од најважните оперативни и програмски фигури во почетната фаза. До нив стојат Бранко Илиески, писател и новинар и формален промотор на првото издание, како и Ѓоре Напески, значаен за институционалната и логистичката поддршка од локалната заедница. Уметничката линија на фестивалот ја обликуваат имиња како Благоја Дамески (режисер), Аце Ристески (сценограф) и актерите Рампо Конески, Живка Лабетиќ, Методија Петкоски и Благоја Алексоски, чие повторувано присуство во одборите сведочи за фестивал замислен и воден од самите театарски професионалци.
Во првите неколку години се воспоставуваат клучните принципи врз кои фестивалот и денес опстојува: национална репрезентативност, натпреварувачки карактер, стручно жири и силна органска врска меѓу градот-домаќин и фестивалската програма. „Чернодрински“ уште тогаш функционира не само како уметнички настан, туку и како интензивен социјален простор, односно место на средби, дебати, конфликти и соработки меѓу театарските луѓе и националните установи.
Името на фестивалот низ годините го следи неговиот институционален и идентитетски развој. Средба на професионалните театри од СР Македонија – „Војдан Чернодрински“ веќе во 1966 година станува Театарски игри „Војдан Чернодрински“, име што ќе го носи цели 33 години, а од 1997 година до денес го носи сегашното име: Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, со што јасно се потенцира неговиот национален карактер и централна позиција во македонскиот театарски систем.
Една од најважните улоги на фестивалот е неговата вредносна функција. Преку селекцијата и наградниот систем, „Војдан Чернодрински“ се профилира како место каде што се воспоставува, проверува и ревидира канонот на македонскиот театар. Големата награда за најдобра претстава, односно уметничко остварување во целина ја афирмира претставата како синтетичка уметничка форма и со децении претставува највисоко фестивалско признание.
Со развојот на театарската продукција се проширува и наградниот корпус, кој ги следи сè покомплексните аспекти на сценската уметност, од режија и драмски текст, преку сценографија, костимографија и музика, до кореографија и визуелна комуникација. Особено значајни се актерските награди, кои низ децении одиграле клучна улога во афирмацијата на индивидуални актерски поетики и генерациски континуитет. Наградите „Трајко Чоревски“ и „Димче Трајковски“, како и признанијата за животно дело, го позиционираат фестивалот како чувар на траењето и паметењето на театарските биографии. Заклучно со 59. издание, на фестивалот се изведени 550 претстави во официјалната селекција и 293 во придружната програма, доделени се 370 актерски награди, а 88 театарски работници се добитници на признание за животно дело – податоци што зборуваат за обемот и длабочината на оваа културна институција.
Историјата на фестивалот сведочи дека неговата одржливост не произлегува од цврста институционализација, туку од континуиран ангажман на посветени професионалци. По основачкиот период, низ годините се издвојуваат повеќе значајни имиња, меѓу кои особено се истакнува Кирил Ристески, кој во периодот 1997–2006 година обезбедува управувачка стабилност и програмски континуитет во време на општествени и културни турбуленции. Неговиот придонес за фестивалот се смета за значаен бидејќи тој бил „мост“ меѓу генерациите на македонски глумци и драмски уметници, а неговото име останува силно поврзано со развојот на фестивалот кон крајот на 20 и почетокот на 21 век. Подоцна, како уметнички директор, Петре Темелкоски (2007–2017) ја зацврстува националната позиција на фестивалот со јасен фокус на селекциски квалитет и континуитет, додека улогата на долгогодишниот фестивалски секретар Стојан Дамчески претставува пример за тивка, но суштинска институционална меморија. Во периодот 2018–2021 Катерина Коцевска го води фестивалот со нагласена грижа за рамнотежата меѓу традицијата и современите сценски изрази.
Во актуелната фаза, под раководство на театрологот Ана Стојаноска, фестивалот влегува во процес на концепциско преиспитување. Со јасна театролошка и организациска свест за историската тежина на „Чернодрински“, новиот тим го третира фестивалот како жив ултурен процес, а не како ритуализирана традиција. Особено е значајно повторното отворање кон независната театарска продукција, која се препознава како рамноправен и релевантен дел од современиот македонски театарски пејзаж. Проширувањето на програмата со едукативни формати, тркалезни маси, поткасти и пичинг-форумот „Драмолетање“ ја зацврстува улогата на фестивалот како платформа за развој, дијалог и идни сценски практики.
Шеесет години „Војдан Чернодрински“ значат шеесет години театарска меморија, длабоко вкоренета во Прилеп и во македонската културна историја. Фестивалот преживеал политички системи, естетски моди, институционални кризи и генерациски пресврти, но останал доследен на својата суштинска функција: да биде место каде што македонскиот театар се гледа себеси искрено, критички и без суета.
Звонко Димоски
