За фестивалот: Јордан Плевнеш

Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.

Joрдан Плевнеш

Чернодрински: Некогаш, сега и секогаш
Фестивалот на македонскиот театар „Војдан Чернодрински“ во оваа театарска сезона се поклопува со две годишнини: 125 години од изведбата на „Македонска крвава свадба“ на македонски јазик и 60- годишнината од нашиот национален фестивал. Овој фестивал ја
презентира селекцијата од годишната продукција на сите македонски театри и го одржува тој животворен извор на театарот како вечна игра и јазичен сон — и на македонски, и на албански, и на турски јазик. Неговата естетска вертикала се издигнува над бариерите и станува тотална уметност што припаѓа на сите, токму како што одекнува ехото од македонските откопани и неоткопани амфитеатри во последниве 2500 години, водени од
античкиот принцип: „Уметноста му е должна на секој човек посебно!“

Со Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во мојата младост, во текот на седумдесеттите години од минатиот век, ме поврза бесмртниот македонски писател Живко Чинго. Во тоа
време пишував театарска критика и есеи во „Студентски збор“, а Чинго, кој беше претседател на Советот на Театарските игри, една скопска пролет покрај „Букет“ ме сретна и ми предложи да ги водам разговорите на Тркалезната маса по секоја претстава. Тие години за мене беа вистински духовен празник. Подготвувајќи се за секоја претстава, не само што бесконечно го засакав градот Прилеп, туку за време на фестивалот и во уводниот говор ги споделував сите мои европски патешествија и интервјуа со Гротовски, Кантор, Жан-Луј Баро, Еуџенио Барба, Џорџо Стрелер…
Една полноќ, големиот прилепски актер Благоја Спиркоски-Џумерко, во присуство на легендарниот Ристо Шишков, изјави: „Не морате ништо да читате од Европа и светот, еве
Плевнеш прочитал сè за сите нас!“ Потоа дојдоа моите драми:„Еригон“, пишувана на париските гробишта Пер Лашез; „Подземна република“, пишувана на Универзитетот Јеил; Вечната куќа“, чија слика ја открив во музејот „Гулбенкијан“ во Лисабон и „Среќата е нова идеја во Европа“, прогласен за најдобра драма токму на Фестивалот „Чернодрински“, пишувана на различни меридијани, а поврзана со илјадниците жртви во крвопролевањата во некогашна Југославија. За неа критичарката на Њујорк Тајмс, Карен Малпед напиша: „во драмите на Плевнеш античките трагедии се слеваат во современита трагедија на Европа“.

Под насловот „Балканска трилогија“ драмата беше играна во 120 театри во Франција заедно со драмите на Данило Киш и Мирко Ковач; За сите нив ме врзуваат неизбришливи спомени со фестивалот во Прилеп, за кој еднаш напишав: „Во Македонија и воздухот мириса на театар.“

Слични Објави