За фестивалот: Дејан Лилиќ
Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.
Дејан Лилиќ, актер
Публиката во Прилеп е како избрусан дијамант – точна, искрена, чесна
Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ е свет кој во секој момент живее и дише преку уметноста. Секоја претстава, секој аплауз, секој шепот од сцената остава
вечна трага во срцето. Тоа е место каде што традицијата и современоста се среќаваат, а минатото и иднината течат во истиот миг. Место каде што емоциите и мислите се
спојуваат во една заедничка приказна.
Благодарен сум, среќен и горд што сум дел од овој фестивал, со толку богата историја, репутација и големина. Привилегиран што можам да го покажам мојот труд, мојот свет и мојата душа пред неверојатната прилепска публика. Публика која е како дијамант избрусена, точна, искрена и чесна.
Погледите, воздишките, реакциите, аплаузот кој моќно нè поврзува, доживувањето на заедничка емоција, тоа го прави овој фестивал магичен. Но, емоциите овде не се само дел од претставата, туку дел од секој разговор, секоја пауза, секоја проба. Со секоја награда што ја освоив овде се чувствувам поврзан со сите генерации актери што овој фестивал ги обликувал. Секоја награда носи тежина, одговорност и ме мотивира да продолжам понатаму и никогаш да не престанам да создавам. Но, уште поважно е искуството што го носам со себе, инспириран од колегите актери, режисери, драматурзи, сценографи, костимографи, кореографи, нивните различни визии, читања и толкувања и пред се нивната страст за сцената. И за уметноста. Фестивалот нè учи дека уметноста не е само работа, туку начин на живот.
Чувствувам и трепет, и радост и страст и трема, сè во исто време, во секој момент поминат овде. „Војдан Чернодрински“ е повеќе од фестивал, повеќе од сцена. Тоа е дом на уметноста. Место за средба на нашите души во простор каде што соништата се остваруваат.
