За фестивалот: Братислав Димитров

-Мојот прв драмски текст „Глоговиот џбун“, не го одбија само таму каде што не го понудив. Исклучок беше Македонскиот народен театар. Таму не го понудив, затоа што бев вработен и имав малку срам. Емоција која денес се среќава само во речник со постар датум. Дали бев разочаран? Секако дека не бев весељак и не играв чочек на маса, ама сепак, не бев разочаран. Таа 1985 година почнав да го пишувам текстот без никакви планови и очекувања. Едноставно ми беше интересно и забавно. Многу повеќе отколку да играм шах, карти, валцер или да кљамчам по кафани, бифиња и маалски тараби.
Драмата ја пишував во село Владимирово на машина за пишување Olimpia. Еден ден баба Васа ја прашала мојата сопруга: „Што штрака тове човек по цал ден и цала нош?“ „Ќе му дадат пари за тоа“ – одговорила сопругата за да не испаднам смешен. „Е ако, нека штрака тогај!“ И откако ја „доштракав“ драмата, праизведбата беше во МНТ. На фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја добив главната награда за текст. Еден ден на насловната страница на милионски тиражниот дневен весник „Политика“, осамна ударен наслов: „Рекорден број пријави за „Стерииното позорје“ дури од 177 театри!“ Фестивалот беше на домашна драма, во тогашната наша држава Југославија. Од сите тие силни пријави беа избрани само седум, меѓу кои и мојот првенец „Глоговиот џбун“. Текстот се играше уште на пет сцени во Македонија и надвор од неа.
После многу години добив уште една главна награда на најголемиот македонски театарски фестивал во Прилеп, за пиесата „Ноќите во бел сатен“. Но, во најубави спомени и голем чалам ми остана моето често членување во жирито на фестивалот. Никогаш немаше замерки на нашите одлуки, што со години беше реткост. За да се доиспофалам: Кога бев претседател на жирито една година, после објавувањето на наградите поголема група глумци долго аплаудираа, иако никој од нив не доби награда. Тоа за мене беше најголемо признание за мојата театарска активност.
Ви го честитам јубилејот, ви посакувам уште поголеми успеси и ви се заблагодарувам на сите убави моменти. Вие ми дадовте поттик и инспирација за да се продолжам со пишување драмски текстови, со што го направив мојот живот креативен и возбудлив.

Слични Објави