|

За фестивалот: Ѓорѓи Јолевски

Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.

Ѓорѓи Јолевски, првенец на Македонскиот народен театар Скопје

Насушна потреба и на театарските уметници и на публиката
Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ е столбот на современиот македонски театар. Низ неговата призма се доживувале, испитувале, оценувале, дискутирале и се анализирале естетските вредности на големи македонски и светски драмски и режисерски имиња чии методи и визии се профилирале преку национиалните театарски куќи во Македонија. Најдоброто од Македонија.

Мене Фестивалот ми буди неверојатно позитивни емоции
бидејќи на моето прво гостување на истиот се здобив со награда за најдобро актерско остварување за млад актер. Понатаму низ годините следеа и три награди за најдобро остварување за главна улога, награда за најдобро остварување за епизодна улога и минатата година награда за најдобра колективна игра. Шест вкупно.

Морам да признам дека на „ Војдан Чернодрински“ се чувствувам како дома. Меѓу другото затоа што уште како дете/актер, во доцните седумдесетти години сум ги гледал претставите кои подоцна беа репрезент на македонскиот театар во светот, затоа што сум играл подоцна во претстави кои биле репрезент на македонскиот театар, затоа што сум бил и селектор на Фестивалот, неколку пати во жири комисија, сум презентирал театарски книги на големи драмски автори и теоретичари итн.

Најголемата поврзаност со Фестивалот и е со прилепската театарска публика со која на различни средби, во различни времиња , во благосостојба и во криза се среќававме во темната сала на Театарот или Домот на културата и ја остварувавме најубавата размена на
духовоност која ќе остане во нашите дамари. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е насушна потреба и на театарските уметници и на публиката.

Слични Објави