За фестивалот: Соња Михајлова
Ги паметиме и се потсетуваме на најнаградуваните во изминатите шест децении фестивал. Што е за нив МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и јубилејот 60 години? Им благодариме за одвоеното време и искрените мисли.
Соња Михајлова, актерка
-Моето запознавање со фестивалот ,,Војдан Чернодрински” се случи пред 40 и повеќе години, во еден поширок театарски простор на поранешна Југославија, во која фестивалот беше репрезент на македонската театарска уметност и култура, на театарските достигнувања на сите оние што го создаваа македонскиот театар и самиот фестивал, високо респектирани имиња во тогаш широката бивша југословенска театарска сцена. Фестивалот беше најдоброто од Македонија, учеството беше чест, возбуда, предизвик, одговорност и радост. Историските промени што се случија, независна Македонија, годините наназад, носеа нови поинакви искушенија за сите учесници во театарската уметност, нови искушенија за фестивалот, да се истрае и оди напред, да се потврди нашиот театарски, фестивалски, македонски идентитет… 60-годишниот јубилеј на фестивалот за мене е чекорење со истрајност, мали и големи победи на македонските театри и театарските работници, победа на сите што одново и одново го создаваат фестивалот и во услови на не секогаш доволна општествена поддршка, почит кон театарското фестивалско минато, почит кон Војдан Чернодрински, основоположникот на театарската уметност, почит кон сите што придонеле фестивалот да е препознатлив печат на нашата театарска уметност, на македонскиот театарски и културен идентитет.
