Владимир Милчин

режисер, педагог

Наградата за животно дело секогаш провоцира да се истражи, прочепка, анализира биографијата на лауреатот, за да може на публиката одблизу да ѝ го покаже наградениот и да докаже зошто токму тој, а не некој друг ја добил наградата. Во случајот со годинешниот добитник тоа е повеќе од лесно, затоа што станува збор за режисер и педагог комплетно посветен на театарот. И не само комплетно посветен, туку станува збор за режисер и педагог кој го трасира патот на театарот што ќе следува, преку неговите студенти и нивниот однос кон театарот што го создаваат.

Поетиката на режисерот Владимир Милчин, вредно и ревносно калена/калибрирана филигрански од неговите почетоци до денес, носи неколку свои заштитни знаци, што читани заедно го дефинираат заклучокот што може да се преведе во едноставната реченица: неговата режисерска поетика и практика во македонскиот театар (заедно со С. Унковски и Љ. Георгиевски) го воведе и етаблира модернистичкиот режисерски театар! Тој активен однос, пристапот кон театарот како кон единствентата и една можност да се создаде свет во кој нема да залутате, нема само да уживате, нема естрадно да се забавувате, туку театар кој ве држи и ќе ве држи во грч и има силен емотивен замав, небаре уметничка „шлаканица“ која треба да ве натера да промислите што точно вие сте му на театарот и што тој ви е вам, па да го креирате светот на сцената на тој начин. Од изборот на драмските текстови што ги поставува, соработката со актерските и другите креативни автори во процесот на создавање на претставата, до начинот на кој режисерски го крои текстот на претставата, преку анализата на комплетната театрографија, во и вон институционалните театри (кај нас и пошироко) тие знаци може да се декодираат низ естетската призма на театар со став, со теза, ангажиран и моделиран театар во насока на храбрата максима од некои поранешни времиња – да се менува светот со помош на театарот! Од Не-театарот „Кактус“ (1964-1967), преку Театарот кај Свети Никита Голтарот (1970-1971) до Театарската работилница ФФ (1978), надвор од институциите, и од првата професионална претстава (пред дипломирањето на сцената на Драмскиот театар од Скопје ја поставува Балада за лузитанското страшило од Петер Вајс во 1969г., а дипломира следната година со Пантаглез од Мишел де Гелдерод, на истата сцена) па сѐ до најновата, премиерно изведена на 16 мај 2019г. Злосторство на 21от век од Едвард Бонд, продукција на театарот од Велес, неговата театрографија брои стотина претстави играни во земјава и пошироко. Неговите режии ги препознаваме во репертоарот на театрите во кои тој секогаш е оној првиот, прв пат што режирал, прв пат што поставил некој текст, прв пат гласно неговите претстави проговориле на теми за кои повеќемина одмолчуваат. Изборот на драмските текстови што ги поставува, исто така, реферираат на театар што не сака да молчи, ниту пак театар што само забавува. Од македонските автори чии текстови ги драматизира (не режира само готови драмски текстови), преку автори кои за прв пат ги промовира, автори чие писмо е етаблирано како директно, ангажирано, посветено, до класичните автори што имаат теза во нивната драматургија и откривањето на помалку познатите автори го покажува неговиот однос кон драмата и автентичната авторска драматика. Неговите претстави играни во театрите низ Македонија, во поранешна Југославија (особено се значајни неговите режии во театри кои токму тие негови претстави подоцна ги промовирале театарските куќи како модерни и прогресивни, како на пример театрите во Зеница или Приштина) и пошироко покажуваат како режисерската авторска практика на Милчин и значајна и важна за театарот, воопшто.

Режисерскиот ракопис на Милчин има неверојатна моќ, предводен од главната идеја, преку згуснатата симболика и еклектичната текстура, да презентира театар што продуцира високостилизирана, директно насочена и остро поставена перформативна уметност која и гласно говори и силно боли и агресивно доминира и остава снажен впечаток на гледачот! Преку стилизираниот, гротексно реализиран визуелен простор (темна масовна/масивна сценографија) исто толку комплексна и експресивна костимографија, како и вонредно направената музичка селекција, тој создава автентично место во кое актерот/актерите (кои во процесот од режисерот добиваат нестандардна подготовка) ќе одиграат текст кој треба да провоцира, поставува прашања, емотивно ќе ве помести и истовремено ќе ве натера лично да прогресирате во повеќе различни и општествени и политички и естетски насоки. И како режисер и како преведувач и како педагог и комплетната негова работа за македонскиот театар значат привилегија да се сведочи неверојатната моќ на режисерот Милчин да ја прикаже својата автентична авторска естетика на дексрибирање и минуциозно вивисецирање на односот индивидуалец – власт/општество преку богатата, комплексна театарска слика до која е дојдено во процес и на авторско и на колективно истражување.

Проф.д-р Ана Стојаноска,
театролог

Слични Објави