Награда за животно дело: Сашо Миленковски

Сашо Миленковски 

Сашо Миленковски е истакнат македонски режисер, роден во Битола, во 1963 година. Во текот на речиси четири децении активна работа, неговата режисерска креативност создава дела со трајна вредност, оставајќи силен и препознатлив белег не само во домашната, туку и во пошироката театарска сцена. Тој е дел од генерацијата режисери кои во раните 90-ти години донесоа нови естетски насоки и свеж творечки импулс во македонскиот театар. Неговата професионална кариера започнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988–1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.

Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа. Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови. Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.

Меѓу најзначајните негови остварувања се издвојува праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“ поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.

Покрај тоа, успешно ги поставува и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговиот опус се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје.

Миленковски успешно ги реализира во авторски сценски проекти и своите текстови „Коледе“, „Game over“ и „Ова не е американски филм“. Воедно, неговиот придонес кон независната сцена е значаен преку основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.

Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршува функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година е драматург во Драмски театар – Скопје, каде што активно учествува во креирањето на современиот репертоар.

Неговите претстави редовно се наградувани и селектирани на многу фестивали. Двапати ја добива наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – во 1993 година за „Game over“ (Народен театар – Куманово) и во 2007 година за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски (Драмски театар Скопје), при што и двете претстави се прогласени за најдобри во целина.

Селективна театрографија:

  • „Левитан“, Витомил Зупан, Народно позориште Зеница;
  • „Мартолозот“, Српско народно позориште;
  • „Госпоѓица Јулија“, КПГТ;
  • „Рани јадови“, Данило Киш, КПГТ;
  • „Злосторство и казна“, Ф.М. Достоевски, КПГТ;
  • „Браќа Карамазови“, Суботица;
  • „Балканот не е мртов“, Дејан Дуковски, НТ Битола;
  • „Game Over“, НТ Куманово;
  • „Буре барут“, Дејан Дуковски, Македонски народен театар – Скопје;
  • „Коледе“, Родопски драматичен театар, Бугарија;
  • „Македонска крвава свадба“, Македонски народен театар – Скопје;
  • „ Последните Македонци“, Драмски театар – Скопје;
  • „Хамлет во транзиција“, Македонски народен театар – Скопје;
  • „ Кандид во земјата на чудата“, В. Андоновски, Драмски театар – Скопје;
  • „Кинегонда во Карлаленд“, В. Андоновски, Драмски театар – Скопје;
  • „Тетовирани души“, Г. Стефановски, Драмски театар – Скопје;
  • „Homo Erectus“, С. Миленковски, Драмски театар – Скопје;
  • „Црна дупка“, Г. Стефановски, Македонски народен театар – Скопје;
  • „Баханлии“, Г. Стефановски, Фестивал „Охридско лето“ и НТ Битола;
  • „Крвта не е вода“, С. Кокаланов, Продукција Дневник;
  • „Ниш експрес“, Народно позориште Ниш, Србија;
  • „Тартиф“, Молиер, НТ Битола;
  • „Владимир и Косара“, М. Милетиќ, Градско позориште, Подгорица, Црна Гора.

Драмски текстови:

  • „Коледе“
  • „Game Over“
  • „Deus EX Machina“
  • „Ова не е американски филм“

Филмови:

  • „Мајка Тереза“, документарен и игран филм
  • „Голем Град“, документарен филм
  • „Љубинко и Десанка“, Александар Поповиќ, игран филм
  • „Преспа“, документарен филм

Награди:

  • Награда за најдобра режија на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставите „Game Over“ и „Балканот не е мртов“;
  • Награда за најдобра режија за претставата „Злосторство и казна“ на театарскиот фестивал во Нови Сад, Србија;
  • Награда за најдобра претстава во Србија за претставата „Ниш експрес“.

Слични Објави