Добитник на награда за животно дело: Мими Таневска-Србиноска

Мими Таневска-Србиновска е реномирана актерка и професорка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности, која со својата посветена работа и професионален ангажман дава огромен придонес во развојот на македонската култура и образование речиси четири децении. Се запишала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1979 година, а дипломирала во класата на Љубиша Георгиевски во 1984 година. Уште за време на своите студии е препознаена како даровита студентка, била ангажирана да игра како гостинка во професионалните претстави: „Чудото на Св. Ѓорги“ од Русомир Богдановски, во режија на Слободан Унковски на Драмскиот театар во Скопје (1981), во
претставата „Лет во место“ од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски како самостоен драмски проект на Домот на младите „25 Мај“ (1982), во „Хај-фај“ од Горан Стефановски, во режија на Љубиша Георгиевски и во продукција на Драмскиот театар (1983), како и во претставата „Кланица“ од Славомир Мрожек, во режија на Владо Цветановски, а во продукција на МНТ (1983). За улогата на Флејтистката во оваа претстава ја добила наградата „Млад борец“ за најдобар млад актер.
По завршувањето на студиите, од 1985 до 1999 година е редовно вработена во Македонскиот народен театар во Скопје, каде што одиграла значајни улоги од светската и од домашната драматургија високо вреднувани од критиката во земјата, како и надвор од неа. Уште на самиот почеток на својата актерска кариера, беше „резервирана“ за главните улоги во пиесите што се подготвуваат. Мими Таневска е добитничка на неколку актерски награди, од кои најзначајна е Стериината награда на Стеријино позорје во Нови Сад, за улогата на Цвета во „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Паоло Маџели, а во продукција на МНТ. Ова високо признание го добива во 1988 година, само три години по
своето вработување. Освен во својата матична куќа таа како гостинка играла и во претстави во повеќе театри во Македонија: Драмскиот театар во Скопје, Народниот театар во Битола, Народниот театар во Куманово, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, како и во независни продукции на Здружението „Талија“ од Скопје, на МКЦ – Скопје и Театарот на Навигаторот Цветко – Скопје.

Улоги во претстави (селектирана листа)


  • Љубов Андреевна во „Вишновата градина“ од Антон П. Чехов, продукција: МНТ, Скопје;
  • Адријана во „Комедија на забуни“ од Вилијам Шекспир, продукција: МНТ, Скопје;
  • Дорина во „Тартиф“ од Молиер, продукција: МНТ, Скопје;        
  •  Бароницата Кастели-Глембај во „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, продукција: МНТ, Скопје;
  • Ема во „Неверство“ од Харолд Пинтер, продукција: Драмски театар, Скопје;
  • Флејтистката во „Кланица“ од Славомир Мрожек, продукција: МНТ, Скопје;
  • Филимена во „Учени жени“ од Молиер, продукција: МНТ, Скопје;
  • Аркадина во „Галеб“ од Антон П. Чехов, продукција: Народен театар, Куманово;
  • Естела во „Зад затворени врати“ од Жан Пол Сартр, продукција: Здружение „Талија“, Скопје;
  • Жената во „Малограѓанска свадба“ од Бертолт Брехт, продукција: МНТ, Скопје;
  • Меј во „Луди за љубов“ од Сем Шепард, продукција: МНТ, Скопје;
  • Мира во „Хај-фај“ од Горан Стефановски, продукција: Драмски театар, Скопје;
  • Пепа во „Полковникот Птица“ од Христо Бојчев, продукција: Народен театар, Прилеп;
  • Милена во „Семејни приказни“ од Биљана Србљановиќ, продукција: Народен театар, Битола;
  • Рајна во „Лет во место“ од Горан Стефановски, независен проект, продукција: МКЦ, Скопје;
  • Бабушка во „Четвртата сестра“ од Ј. Гловацки, продукција: Народен театар, Прилеп;
  • Жената во „Жената на полковникот“ од Христо Бојчев, продукција: Народен театар, Прилеп;
  • Цвета во „Црна дупка“ од Горан Стефановски, продукција: МНТ, Скопје;
  • Петунија во „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, продукција: МНТ, Скопје;
  • Алисон во „Обѕрни се во гнев“ од Џон Озборн, продукција: МНТ, Скопје;
  • Кресида во „Троил и Кресида“ од Вилијам Шекспир, продукција: МНТ, Скопје;
  • Аркадина во „Галеб“ од А. П. Чехов, продукција: Народен театар, Куманово;
  • Невена во „Женски прилог во ноќта“ од Блаже Миневски, продукција: МНТ, Скопје;
  • Марта во Dies irae од Жанина Мирчевска, продукција: МНТ, Скопје;
  • Грета Зонтаг во „Мацедонише цуштенде“ од Јордан Плевнеш, продукција: МНТ, Скопје;
  • Неда во „Мартолозот“ од Григор Прличев, продукција: МНТ, Скопје;
  • Дона Елвира во „Дон Жуан“ од Молиер, продукција: Театарот на Навигаторот Цветко, Скопје;
  • Дулчинеја во „Дон Кихот“ од Сервантес, продукција: Народен театар, Битола.

Во 1993 година ја добила наградата за главна женска улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Невена во претставата „Женски прилог“ во ноќта од Блаже Миневски, во режија на Владимир Милчин и во продукција на МНТ. Во 1998 година ја добила наградата за главна женска улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Пепа во претставата „Полковник Птица“ од Христо Бојчев, во режија на Владо Цветановски и во продукција на Народен театар, Прилеп.
Со нејзините претстави учествувала на многу театарски фестивали во Македонија како и надвор од државата Стериино позорје во Нови Сад, МЕС во Сараево, Меѓународниот фестивал во Елбасан – Албанија, Светскиот театарски фестивал во Богота – Колумбија, „Боршникови средби“ во Словенија, Меѓународниот театарски фестивал во Корча –Албанија, МТФ „Војдан Чернодрински“– Прилеп, Охридско лето – Охрид итн.

Остварувања во филмската и ТВ-продукција (селектирана листа)

  • „Бушава азбука“ – телевизиска серија, во режија на Слободан Унковски;
  • „Македонија може“ – телевизиска серија, во режија на Коле Ангеловски;
  • „Лет во место“ – игран филм, во режија на Слободан Унковски;
  • „Состојба пред инфаркт“ – игран филм, во режија на Кокан Младеновиќ;
  • „Стапица“ – игран филм, во режија на Аљоша Симјановски;
  • „Тајната книга“ – игран филм, во режија на Владо Цветановски;
  • „Ефектот на среќа“ – игран филм, во режија на Борјан Зафировски;
  • „Te dua, жими мене“ – игран филм, во режија на Марјан Гавриловски.

Во 2000 година се вработува на Факултетот за драмски уметности, Скопје и ја започнува својата наставна и педагошка дејност со студентите по актерска игра. Досега, преку нејзината посветена работа, едуцирала шест генерации студенти. Како професор по актерска игра се стреми кон постојано унапредување и збогатување на студиската програма, кон воведување нови современи методи и пристапи во едукацијата на студентите и настојува да ги следи најновите истражувања, иновации и лаборатории во областа. Испитните претстави на нејзините студенти се редовно изведувани на Академската сцена на ФДУ. Некои од нив учествувале и биле наградени на престижни Меѓународни студентски фестивали (прва награда од стручното жири и прва награда од публиката за
„Оркестар ББ“ на Интернационалниот фестивал FIST 06 во Белград, Србија; Прва награда за најдобра претстава за „Ревизор“ на Интернационалниот фестивал DIONIZ во Хрватска; Специјална награда за „ММЕ кој прв почна“ на Интернационалниот фестивал „Данаил Чирпански“ (2019) во Стара Загора, Бугарија; гран при за „Пиеса 27 на ливерпулски начин“ и награда за главна машка и главна женска улога на Интернационалниот фестивал URBAN FEST 18, Ниш, Србија). Во 2013 е избрана за раководител на Катедрата по актерска игра и
сенатор.

Од 2015 до 2019 година е избрана за продекан за настава на УКИМ, Факултет за драмски уметности, Скопје. Од декември 2019 до декември 2022 ја извршува функцијата на декан на Факултет за драмски уметности, Скопје. Во нејзиниот мандат излезе од печат монографијата „50 години ФДУ“, во чија подготовка активно учествуваше како еден од нејзините уредници (Мими Таневска- Србиновска, Маја Стевановиќ, Зоја Бузалковска и Сашо Кокаланов).


Дипломската претстава „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона е воедно и последната испитна претстава на проф. м-р Мими Таневска-Србиновска пред нејзиното пензионирање во септември 2023 година. Особено успешна беше изведбата на оваа претстава на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ пред преполна сала во Народниот театар во Прилеп.

Слични Објави