Ебру Мусли: Живееме во општество каде можеме да правиме претстави барем на три јазици, а ние сите сме во нашите 4 ѕида
Театарот мора да има за цел да го обедини општеството и да ги нагласи основните вредности. Претставите со универзални теми ќе обединат различни сегменти од општеството и ќе ги зајакнат социјалните врски. Треба да се нагласи потребата да се раскажат приказните надвор од нашата земја.
Не се само актерите тие што театарот го прават театар. Ова е тимска работа. Треба да се охрабри соработката меѓу режисерите, драматурзите, костимографите и другите уметници. Образованието и поддршката на млади таленти треба да биде основа за градење силен театарски тим во иднина. Овие мерки за развој на современиот македонски театар ќе придонесат за создавање театарска средина со социјално влијание што предизвикува размислување – вели младата актерка Ебру Мусли од ансамблот на Турскиот театар. Таа ја доби наградата за најдобра млада актерка на 53. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Корделија во претставата „Крал Лир“ во режија на Диего де Бреа. Во младите е промената, затоа се радуваме што Ебру со нас ги споделува своите размислувања како да имаме подобар театар и како сите да бидеме дел од таа промена.
Што треба да се промени во театарот?
– За да се промени театарот, пред сè, актерите треба да бидат отворени кон промена. Тимската работа е клучот на успешен процес кој вродува со плод – успешна театарска претстава, но она што недостига во театарот е токму тимската работа чија функција се сведува само на збор. Во последно време личните ставови се наметнуваат на концептот за театар „На сцена не постои јас или пак ти, кога сме на сцена сме ние“ е принципот по кој што нашите професори нè учеа на академија, но она со кое што се среќаваме во театар е судир на личните интереси. Всушност, се чини дека секој театар се повлекува во своите четири ѕида. Наместо различните театри и култури да нè зближат, секој се потпира на својот систем и се засолнува во своите четири ѕида. Она што треба и можеме да го направиме е успешна соработка меѓу театрите и алтернативната сцена. Пред сè, она што треба да се практикува во театрите е избор на претставите каде ќе се даде можност за поголема актерска екипа на сцената. Живееме во општество каде имаме можност да правиме претстави на барем три јазика, но она што всушност го имаме на репертоар во театрите се претстави со мала актерска екипа што континуирано се повторува. Од друга страна, покрај вработените актери кои активно работат во театрите, треба да се инволвираат и други актери кои сè уште не се вработени. Мислам дека отворените аудиции од страна на режисерите се од голема важност. На тој начин сите актери имаат можност да учествуваат така што секој ќе ја има прилика да си ја создаде својата шанса и да ја искористи рамо до рамо со своите колеги.
Како за вас треба да изгледа еден современ театарски фестивал?
-Современиот театарски фестивал треба да биде сцена што поддржува нови и експериментални театарски пристапи, чувствителна за проблемите на времето и општеството и да вклучува различни културни и уметнички перспективи. Фестивалот треба да го надмине традиционалниот концепт за театар и да направи поголем простор за алтернативните перформативни уметности. Истовремено треба да ги охрабри младите таленти, така што ќе биде простор на кој ќе може да се расправа за одржливите уметнички политики. Елементи кои се од клучно значење за соврмениот театарски фестивал се разновидноста на настаните, интензитет на интеракција со публиката и обезбедувањето културна размена. Како недостаток на фестивалите би го издвоила организацискиот дел. Сметам дека не секоја актерска екипа после одиграна претстава има можност да биде дел од фестивалската атмосфера. Всушност, она што сакам да кажаме дека сите учесници на фестивалот треба рамо до рамо со жирито да ја следат фестивалската програма, а потоа да има и отворени дискусии за истите. За мене ова е начинот на кој успешно би го оживеале духот на фестивалот кој за цел има да собере актерски екипи од цела држава и да овозможи сите да се чувствуваат како дел од истиот.
Што му фали на современиот македонски театар?
-Треба да се преземат низа важни чекори за решавање и развивање на недостатоците во современиот македонски театар. Потребата да се надминат формите на уметноста треба да биде со прв план. Театарот треба да се фокусира на социјалните, политичките и културните прашања. Мислам дека покрај популарните дела што се поставуваат на театарската сцена, треба да се даде шанса и на делата кои се од експериментален карактер и не толку познати за нашата публика.
Загрижувачки е бројот на театрите што се фокусираат на концептот на умeтноста. За да се поправи оваа ситуација она што театрите би требале да го направат е промена на фокусот за комерцијалниот успех и да дадат поддршка на алтернативните театарски форми. Театарот мора да има за цел да го обедини општеството и да ги нагласи основните вредности. Претставите со универзални теми ќе обединат различни сегменти од општеството и ќе ги зајакнат социјалните врски. Треба да се нагласи потребата да се раскажат приказните надвор од нашата земја. Со поддржувањето на локалните писатели и драматурзи можеме да ја претставиме нашата култура и историја токму преку нивните дела. Делата што се фокусираат на сопствената историја и идентитет на општеството можат да воспотават длабока врска со публиката.
Не се само актерите тие што театарот го прават театар. Ова е тимска работа. Треба да се охрабри соработката меѓу режисерите, драматурзите, костимографите и другите уметници. Образованието и поддршката на млади таленти треба да биде основа за градење силен театарски тим во иднина. Овие мерки за развој на современиот македонски театар ќе придонесат за создавање театарска средина со социјално влијание што предизвикува размислување.