Награда за животно дело: Љубомир Чадиковски

Љубомир Чадиковски е истакнат македонски театарски деец, роден во Скопје, во 1946 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1972 година, но наместо во архитектурата, својот творечки израз го пронашол на театарската сцена, каде што успешно ја спојува прецизноста на архитектонското размислување со креативната магија на сцената.

Неговата кариера започнува во Драмскиот театар во Скопје, каде што од доцните 70-ти години, поточно од 1978 до 1990 година, работи како технички директор, стекнувајќи драгоцено искуство во сценската организација и уметничката продукција. Во овој период активно учествува и во креирањето сценографии, градејќи визуелни светови што не се само декор, туку активен дел од раскажувањето на театарската приказна.

Во 1990 година станува директор на Театарот за деца и младинци – Скопје, позиција што ја извршува до своето пензионирање во 2011 година. Ова е најзначајното поглавје во неговата кариера. Во време на општествени и културни промени, Чадиковски не само што управува со институцијата, туку ја обликува од темел, претворајќи ја во силен и препознатлив културен центар со јасна уметничка визија и континуирана продукција.

Под негово раководство театарот се развива во водечка институција во Македонија, со реализирани 47 премиери, многубројни учества на домашни и меѓународни фестивали и освоени 31 награда, меѓу кои и шест Гран при признанија за најдобра претстава во целина. Овие достигнувања не се само бројки, туку сведоштво за посветеноста да се создава театар што им се обраќа на младите гледачи со сериозност, креативност и почит, при што театарот се етаблира како една од најтрофејните институции во земјата во тој период.

Чадиковски има клучна улога во обновувањето и професионализацијата на куклената сцена, поставувајќи темели што и денес го дефинираат идентитетот на театарот. Неговата визија резултира со создавање претстави што доживуваат долг сценски живот, како „Убавицата и ѕверот“, „Црвенкапа“ и „Зрното грашок и принцезата“, која во 1993 година ја носи првата меѓународна награда за македонскиот театар во независната држава.

Покрај управувачката функција, останува активно вклучен во креативниот процес како сценограф, а неговото дејствување се протега и надвор од театарот — во телевизиски продукции, како и во организациските структури на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, каде што придонесува со своето искуство и визија.

За својот придонес во културата, во 2020 година ја добива наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Неговото наследство живее преку генерациите млади гледачи, за кои театарот стана простор на фантазија, уметност и искрена емоција, но и преку трајните вредности што ги вгради во македонската театарска сцена.

Автор е на сценографски решенија за претставите:

1. Драмски театар – Скопје  

  • „Столови“ – режија: Слободан Унковски;
  • „Сомнително лице“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Џон Пиплфокс“ – режија: Коле Ангеловски;
  • „Полнете птица“ – режија: Димитрие Османли;
  • „Косанчиќев венец бр. 7“ – режија: Димитар Станковски
  •  „Фоксфаер“ – режија: Богдан Поп Ѓорчев;
  •  „Џон Пиплфокс“ (обнова) – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Патување низ сонот на бајките“ – режија: Димитар Станковски;
  •  „Авантурите на Понг и Луси“ – режија: Душан Наумовски;
  •  „Југословенска антитеза“ – режија: Љубиша Георгиевски;
  •  „Викенд на мртовци“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Коприварник“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Брачен плејоф“ – режија: Коле Ангеловски; (сценографија и костимографија);
  •  „Р“ – режија: Љубиша Георгиевски, (костимографија);
  •  „Слободен лов“ – режија: Љубиша Георгиевски;
  •  „Сказна за времето“ – режија: Љубиша Ѓоќиќ;
  •  „Долго патување во ноќта“ – режија: Патриша Хамарстром;
  •  „Собирен центар“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Лице и опачина“ – режија: Љубиша Георгиевски;
  •  „Ало, будење“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Не сега драга најдобро е попладне“ – режија: Коле Ангеловски. 

2. НУ Театар за деца и младинци – Скопје

  • „Двајца во Еден“ – режија: Димитрие Османли;
  •  „Крале Марко“ – режија: Димитар Станковски;
  •  „Училиште за кловнови“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Македонска приказна“ – режија: Боњо Лунгов;
  •  „Силјан штркот“ – режија: Димитар Станковски;
  •  „Лакомата меца“ – режија: Дарин Петков;
  •  „Итар Пејо“ – режија: Љупчо Ѓоргиевски;
  •  „Дванаесетте месеци“ – режија: Петар Пашов;
  •  „Чук, чук Стојанче“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Сказна за царот и овчарот“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Василиса Прекрасна“ – режија: Димитар Станковски;
  •  „Кралот Кускуле Први“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Три древни приказни“ – режија: Горан Головко;
  •  „Телефонот“ – режија: Боњо Лунгов;
  •  „Дете голомеше“ – режија: Коле Ангеловски;
  •  „Малата сирена“ – режија: Деан Дамјановски. 

3. Сценографија за телевизиски серии во продукција на МРТВ

  • Викенд на мртовци 

4. Учество во Организациски одбор на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ 

  • Член во Совет на ТИ (1995 – 1996);
  • Член во Совет на МТФ (во 2003);
  • Член во Собрание на МТФ (2004 – 2010).

Сашо Миленковски 

Сашо Миленковски е истакнат македонски режисер, роден во Битола, во 1963 година. Во текот на речиси четири децении активна работа, неговата режисерска креативност создава дела со трајна вредност, оставајќи силен и препознатлив белег не само во домашната, туку и во пошироката театарска сцена. Тој е дел од генерацијата режисери кои во раните 90-ти години донесоа нови естетски насоки и свеж творечки импулс во македонскиот театар. Неговата професионална кариера започнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988–1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.

Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа. Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови. Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.

Меѓу најзначајните негови остварувања се издвојува праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“ поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.

Покрај тоа, успешно ги поставува и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговиот опус се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје.

Миленковски успешно ги реализира во авторски сценски проекти и своите текстови „Коледе“, „Game over“ и „Ова не е американски филм“. Воедно, неговиот придонес кон независната сцена е значаен преку основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.

Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршува функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година е драматург во Драмски театар – Скопје, каде што активно учествува во креирањето на современиот репертоар.

Неговите претстави редовно се наградувани и селектирани на многу фестивали. Двапати ја добива наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – во 1993 година за „Game over“ (Народен театар – Куманово) и во 2007 година за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски (Драмски театар Скопје), при што и двете претстави се прогласени за најдобри во целина.

Селективна театрографија:

  • „Левитан“, Витомил Зупан, Народно позориште Зеница;
  • „Мартолозот“, Српско народно позориште;
  • „Госпоѓица Јулија“, КПГТ;
  • „Рани јадови“, Данило Киш, КПГТ;
  • „Злосторство и казна“, Ф.М. Достоевски, КПГТ;
  • „Браќа Карамазови“, Суботица;
  • „Балканот не е мртов“, Дејан Дуковски, НТ Битола;
  • „Game Over“, НТ Куманово;
  • „Буре барут“, Дејан Дуковски, Македонски народен театар – Скопје;
  • „Коледе“, Родопски драматичен театар, Бугарија;
  • „Македонска крвава свадба“, Македонски народен театар – Скопје;
  • „ Последните Македонци“, Драмски театар – Скопје;
  • „Хамлет во транзиција“, Македонски народен театар – Скопје;
  • „ Кандид во земјата на чудата“, В. Андоновски, Драмски театар – Скопје;
  • „Кинегонда во Карлаленд“, В. Андоновски, Драмски театар – Скопје;
  • „Тетовирани души“, Г. Стефановски, Драмски театар – Скопје;
  • „Homo Erectus“, С. Миленковски, Драмски театар – Скопје;
  • „Црна дупка“, Г. Стефановски, Македонски народен театар – Скопје;
  • „Баханлии“, Г. Стефановски, Фестивал „Охридско лето“ и НТ Битола;
  • „Крвта не е вода“, С. Кокаланов, Продукција Дневник;
  • „Ниш експрес“, Народно позориште Ниш, Србија;
  • „Тартиф“, Молиер, НТ Битола;
  • „Владимир и Косара“, М. Милетиќ, Градско позориште, Подгорица, Црна Гора.

Драмски текстови:

  • „Коледе“
  • „Game Over“
  • „Deus EX Machina“
  • „Ова не е американски филм“

Филмови:

  • „Мајка Тереза“, документарен и игран филм
  • „Голем Град“, документарен филм
  • „Љубинко и Десанка“, Александар Поповиќ, игран филм
  • „Преспа“, документарен филм

Награди:

  • Награда за најдобра режија на МТФ „Војдан Чернодрински“ за претставите „Game Over“ и „Балканот не е мртов“;
  • Награда за најдобра режија за претставата „Злосторство и казна“ на театарскиот фестивал во Нови Сад, Србија;
  • Награда за најдобра претстава во Србија за претставата „Ниш експрес“.

Слични Објави