|

Награда за животно дело: Атила Клинче

Атила Клинче е истакнат актер и пeдагог, роден во 1958 година, во Гостивар. Неговата повеќедецениска кариера се одликува со богат актерски опус од над педесет театарски улоги, во кои се препознаваат високи естетски вредности, силна емоционалност и зрела уметничка изразност. Со еднаква посветеност ги толкува и класичните и современите драмски ликови, со што стекнува значајно место во колективната меморија на публиката и критиката. 

Покрај сценската дејност, Клинче има значајна улога и во образованието. Како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, активно придонесува во формирањето нови генерации актери. На Факултетот за драмски уметности – Скопје најпрво ја започнува кариерата како асистент по дикција, во периодот од 2003 до 2013 година. Во 2013 година станува доцент по предметот Сценски говор со техника на глас на турски јазик, а во 2019 година преминува во звање вонреден професор.

Во својата кариера тој извршувал и раководни функции, меѓу кои особено се издвојува неговата улога како директор на Турскиот театар во Скопје (во периодот од 2003 до 2006 г. и во периодот од 2008 до 2017) г.. Под негово водство театарот се афирмира како релевантен културен центар, освојувајќи многубројни признанија и градејќи простор за интеркултурен дијалог и уметничка соработка. Во тој период театарот добива 43 поединечни и колективни награди, плакети и 3 општествени награди („13 Ноември“, „11 Октомври“ и Орден за заслуги за Македонија). Неговиот придонес е значаен и во иницирањето процеси за институционален развој, вклучувајќи го и започнувањето на изградбата на нов театарски објект од трајно значење. 

На меѓународен план, Клинче се истакнува како културен амбасадор, учесник на многубројни фестивали, форуми и копродукции, дел од меѓународно жири на повеќе фестивали каде што ја претставува и афирмира македонската театарска уметност, истовремено поврзувајќи различни култури и традиции.

Неговата работа е наградена со многубројни признанија на домашно и на меѓународно ниво, што сведочи за неговиот континуиран придонес, квалитет и влијание во областа на културата. Како уметник и педагог, Клинче не само што создава, туку и инспирира, оставајќи трајно наследство кое продолжува да живее преку генерациите што ги образова и мотивира.

Театрографија:

  • Манулач во „Зона Замфирова“ од С. Сремац во режија на Д. Станковски (1980);
  • Мемет во „Мемет“ од Ирфан Бељуљ во режија на Н. Пановски (1982);
  • Градоначалник во „Том Соер“ од Марк Твен во режија на Ш. Неби (1985);
  • Ќани во „Рашела“ од Ш. Неби во режија на Н. Пановски (1985);
  • Јулка во „Протекција“ од Б. Нушиќ во режија на Б. Ставрев (1986);
  • Службеник во „Убиј ме душичке“ од А. Несин во режија на С. Билал (1986);
  • Коновал во „Капетан Џон Пиплфокс“ од Д. Радовиќ во режија на К. Ангеловски (1987);
  • Парлак во „Женички“ од Т. Џуџеноглу;
  • Фентон во „Весели жени виндзорски“ во режија на К. Ангеловски;
  • Асистент на режисерот во „Коштана“ од Б. Танковиќ во режија на К. Ангеловски (1987);
  • Д-р Танби во „Дневникот на стравот“ од Џеват Карахасан во режија на А. Сопи (1988);
  • Магбет во „Магбет“ од В. Шекспир во режија на Р. Бурхан (1988);
  • „Белото Циганче“ од В. Подгорец во режија на А. Алексов (1989);
  • „Клементовиот пад“ од Д. Јанчар во режија на К. Лила (1989);
  • Судија во „Кавкаски круг со креда“ од Б. Брехт во режија на Ј. Ертен (1989);
  • Живко во „Живко живее не живее“ од А. Несин во режија на К. Ишик (1990);
  • Винстон во „Остров“ од А. Фугард во режија на Ј. Ертен (1990);
  • Полицаец во „Картонска кутија“ од И. Бељур во режија на Б. Брезовец (1991);
  • Хаџи Бекташи Вели во „Јунус Емре“ од Р. Билгинер во режија на Р. Алниачик; асистент на режисерот (1991);
  • Цар Едип во „Смртта на Питија“ од М. Стевановиќ (1992);
  • Синот во „Мајка Елиф“ од Т. Офлазоглу во режија на К. Лила (1992);
  • „Зошто“ од Ш. Спасе во режија на Серафин Фалко (1992);
  • Сеит во „Стари фотографии“ од Д. Сумер во режија на Д. Наумовски (1992);
  • Асистент на режисерот, „Ве молам не допирајте“ од Х. Танер во режија на И. Хурмузоглу (1992);
  • „Шабан, спасител на татковината“ од Х. Танер во режија на З. Сипахи (1993);
  • Атила во „Дас капитал“ од Б. Димитров и С. Миленковски во режија на С. Миленковски (1993);
  • Цибра во „Тетовирани души“ од Г. Стефановски во режија на В. Христов (1994);
  • „Ќелавиот Мехмет“ од У. Тамер во режија на К. Лила (1994);
  • Аладин во „Будење“ од Б. Беговска во режија на Д. Наумовски (1994);
  • Лаерт во „Хамлет“ од Шекспир во режија на Б. Брезовец (1995);
  • „Како да се спаси Асије“ (1996);
  • Газдата во „Луна парк“ од У. Ајваз во режија на К. Лила (1997);
  • „Идиот“ од Ф. М. Достоевски во режија на Б. Ставрев (1998);
  • Синот во „Р“ од Ј. Плевнеш во режија на М. Улусој (1999);
  • „Лудиот Ибрахим“ од Т. Офлазоглу во режија на В. Милчин (1999);
  • Рустем во „Хурем Султан“ од Орхан Асена во режија на К. Лила; асистент на режисерот (2001);
  • Парталковски во „Министерот и јас“ во режија на Д. Наумовски;
  • „Бунт во домот за старци“ од В. Андоновски во режија на Д. Станковски (2001);
  • Човекот во „Куќа на граница“ од С. Мрожек во режија на Ј. Ертен (2002);
  • Гласникот во „Антигона“ од Софокле во режија на К. Коџатурк (2002);
  • Енкиду во „Епот за Гилгамеш“ во режија на Д. Пројковски (2004);
  • Креонт во „Цар Едип“ од Софокле во режија на Љ. Георгиевски (2004);
  • Антонио во „Бура“ од Шекспир во режија на А. Поповски (2004);
  • „Тимон од Атина“ од В. Шекспир во режија на Б. Брезовец (2005);
  • Омер Хајам и Менокјо во „Мевлана“ од Т. Нар во режија на Б. Сечкин (2011);
  • Наили во „Кога лисјата паѓаат“ од Р. Н. Ѓунтекин во режија на С. Билал (2012);
  • Тезеј и Оберон во „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на А. Поповски (2014) 
  • Асистент по режија, „Ана Каренина“ во режија на Д. Пројковски, продукција Српско народно позориште – Нови Сад (2019)

Филмографија:

  • „Ден за тетовирање“ – режија С. Попов (1991);
  • „Бог да ги убие шпионите“ – режија А. Алексов (1993);
  • „Феликс“ – режија Б. Шпајц (1995);
  • „Пред дождот“ – режија М. Манчевски (2000);
  • „Прашина“ – режија М. Манчевски (2001);
  • „Пусто турско“ – режија К. Ангеловски (2006);
  • „Можеби…“ – продукција Кастриот Абдули, сценарист Симеон Дамевски и Том Вотерс (2022);
  • „DJ Ахмет“ – режија Георги Унковски (2023).

Серии:

  • 1999 – 2004 – таткото на турското семејство во серијата „Наше маало“;
  • 2007 – 2009 – Министер за надворешни работи во турската мегасерија „Збогум, Румелија“;
  • 2009 – Адвокат во турската серија „Балканска свадба“;
  • 2012 – Мартин во турската серија „Последно лето“;
  • 2021 – „Преспав“ во режија на Игор Ивановски–Изи.

Награди и признанија:

  • Награда за најдобар актер од списанието „Млад борец“ за главната улога во претставата „Мемет“ во режија на Н. Пановски (1982);
  • Наградата „Млад актер“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ за главната улога во претставата „Мемет“ во режија на Н. Пановски (1982);
  • Актер на годината – прогласен од турските медиуми во Р. Македонија (2003);
  • Награда за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за главната улога на таткото во претставата „Куќа на граница“ во режија на Ј. Ертен (2004);
  • Државната награда „11 Октомври“ за животно дело (2016);
  • Награда на Сулејман Брина – Призрен, Р. Косово за придонес во развојот на турската култура на Балканот.

Слични Објави