Лилјана Мазова: На театарот му треба прочистување – од вработени актери, режисери и други што работат еднаш годишно, а може и помалку
Театарската критичарка, новинарка и публицистка Лилјана Мазова ја доби наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2016 година. Повеќе од четири децении, таа му се посвети на театарот преку пишаниот збор и критиката. Нејзините текстови се објавувани во монографии, каталози и зборници. Автор е на книгата „Ковчег со време“ и „Тој и Тие – театарски сложувалки“ и е соавтор на „Тодор Николовски“. Авторка е на патописи, учесничка е во разни дебатни ТВ емисии посветени на театарот и на културата воопшто, текстовите по повод јубилеи и изложби поместени ѝ се во разни каталози, а соработува и во повеќе театарски и театролошки едиции. За својата посветеност и како признание за постигнатото, е добитник на наградата „Крсте Мисирков“ за едногодишно остварување (1980), на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за новинарство (1981), на годишна награда на „Нова Македонија“ (1988) и за долгогодишна работа на „Нова Македонија“ (1998), на наградата за наука „Гоце Делчев“ (2003).
Со неа разговаравме за тоа што значи промената во театарот, апропо мотото на 58. издание – „Промени се, промени сè“.
1.Колку според вас сте го промениле театарот?
-Јас не сум можела да го менувам театарот. Тој е најживата уметност. Иако претставата е концептот во кој учествуваат и се остваруваат различни уметници, генерално од изведба до изведба се менува. Се разбира, во нијанси кои различната публика и не ги препознава. Најважно е таа да му се допадне на гледачот. Тој да излезе задоволен и да се врати пак. И да ја препорача на друг или други што ќе дојдат и тие да ја препорачаат на други. Актерот и гледачот се најважните. Тие се очи в очи на секоја претстава. За гледачот, критиката што ја прочитал е најмалку важна. Тој им верува на своите чувства и во задоволството или незадоволството со кое заминал од театарот по одгледаната претстава. Тоа е и најдобрата и најлошата препорака за претставата и воопшто, за театарот.
2. Што треба фестивалот да направи да ја направи промената?
– Речиси ништо. Фестивалот зависи исклучиво од понудата и од концептот на селекторот. Се разбира, ако годишната продукција тоа го овозможува. Без да се прават компромиси од типот сите театри да учествуваат и секому по малку.
3. Што му фали на современиот македонски театар?
– Пред сè, пари. Кадар повеќе или помалку има. Факт е дека некаде има пренатрупаност, па вработените од кој било профил ретко и наминуваат во театарот, а платата си ја добиваат на трансакциската сметка. Што би рекле, без срам. Веројатно е потребно прочистување. Од актери, од режисер и кои било други што само се укотвиле во театарот и работат на година или две, може и помалку.