|

Наградата за најдобра машка улога ќе го носи името на Кирил Ристоски

Собранието на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, по иницијатива на семејството на Кирил Ристоски, донесе одлука името на големиот актер, професор и долгогодишен директор на фестивалот, да ја краси наградата за главна машка улога. Годинава навршуваат 15 години од прераното заминување на актерот

– Земајќи го предвид неговиот придонес за театарот во Македонија за време на неговиот краток животен век, како еден од најнаградуваните актери, универзитетски професор кој едуцирал генерации врвни македонски актери и неговата исклучителна улога во развојот на фестивалот „Војдан Чернодрински”, ние, како семејство на Кирил Ристоски, Ви се обраќаме со барање за именување на наградата за главна машка улога, со неговото име. Покрај неспорните професионални придонеси за македонскиот театар, актерот Кирил Ристоски како човек беше омилен меѓу своите колеги и соработници и обожуван од своите студенти, што ни дава за право да веруваме дека секој актер во иднина би му било чест да ја добие, а на македонскиот театарски фестивал гордост да додели награда за главна машка улога, со негово име. Би сакале оваа иницијатива да биде препознаена како пример за оддавање почит и признание на македонски значајни творци, и да стане поттик за градење култура на театарска меморија за личностите кои придонеле за развојот на македонскиот театар, која пак ќе отвори пат и за бележење на други македонски значајни театарски имиња во иднина – стои, меѓу другото, во барањето.

Кирил Ристоски е роден на 14.11.1948 во Прилеп е македонски актер и универзитетски професор. За македонската театарска наука Кирил Ристоски е актер со една од најдолгите и најимпресивните кариери што македонската театарска историја ги памети. Од неполни
63 проживеани години, Кирил Ристоски 46 ги одживеал како професионален актер.

Остварил над 80 ролји од светската и домашната драматургија, најголемиот број главни, скоро во сите театри во Македонија. Одиграл над 20 филмски улоги и снимил над двесте радиодрами. Одработил недобројни поетски и други настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и беспоговорен во односот кон работата.

Добитник е на десет награди и признанија за актерски остварувања, од кои: пет актерски награди на МТФ “Војдан Чернодрински” (1978, 1986, 1989, 1992 и 1994 година. Една награда, во 1998 г. одбил, имајќи ја во предвид својата функција како претседател на фестивалот.), награда „Ристо Шишков”, глумец на годината, според ревијата „Екран“, награда на град Скопје „13 Ноември”, награда за животно дело на град Прилеп „3 Ноември”, награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински”, постхумно.

Кирил Ристоски во својата 27-годишна педагошка дејност како омилен и врвен театарски професор едуцирал генерации денес еминентни актери, кои ги носат репертоарите во театрите во Македонија. Како декан на ФДУ, Ристоски во исклучително тешки економски услови, успеал за една година да го динамизира факултетот со отварање на Мастер студии во седум области од изведувачката и филмската сфера, на кои се запишале рекорден број студенти. Во два мандата бил член на Сенатот на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј” во Скопје.

Името на Кирил Ристоски е тесно поврзано со развојот на фестивалот „Војдан Чернодрински” во Прилеп. Во 1997, тој го реорганизирал и десет години (1997-2006) успешно го водел македонскиот театарски фестивал, придонесувајќи за неговиот развој и квалитет.

Ристоски организациски и програмски го реструктурирал фестивалот. Обезбедил финансиска и управувачка стабилност за негово одржување и долгорочен континуитет.  Вовел нови уметнички програми кои го подигнале квалитетот на фестивалот, а со воведување на научни симпозиуми и издавачка дејност како сегмент на фестивалот оставил траен белег за развојот на македонската театарска наука.


Слични Објави